Македонија
Шилегов најави голема акција на чистење и уредување на јавните површини на градот
Расчистување на дивите депонии, метење и миење на сите градски и општински улици, кастрење гранки и косење трева, пополнување ударни дупки и засилени инспекциски контроли – овие активности ќе ги опфати големата акција за чистење и уредување на јавните градски површини која ќе се одвива утре и задутре, а ќе ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и скопските општини. Во текот на утрешниот ден акцијата ќе се одвива во општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар и Кисела Вода, а в сабота ќе се работи во Аеродром, Шуто Оризари, Гази Баба, Чаир и во Бутел.
„Во оваа акција ќе се вклучат сите технички и човечки потенцијали во јавните градски претпријатија, помогнати од градската администрација и општините. Ги повикувам сите граѓани кои се заинтересирани да живеат во почист и поубав град да се приклучат на оваа масовна акција“, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција, на која ја најави акцијата за расчистување.
Тој нагласи дека по оваа акција за чистење ќе следува засилен инспекциски надзор и од градот и од општините, со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места.
„Повикувам граѓаните да се придржуваат кон начинот и редот на фрлање на отпадот. Ние работиме на концепт кој во текот на август ќе го понудиме на граѓаните – на 3 до 5 локации во точно определени денови во нивните општини, значи на повеќе од 50 локации во нашиот град, граѓаните ќе може слободно и бесплатно да го остават кабастиот отпад. Сите треба да внимаваме каде го фрламе отпадот за нашиот град да стане и почист и поубав“, истакна Шилегов.
На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалниците на повеќето скопски општини, како и директорите на скопските јавни претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Владата на Заев и Филипче донела спорен правилник, подзаконскиот акт за канабис е во судир со законот, кој и колку профитирал од бизнисот со канабис“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Зоран Заев и Венко Филипче имале за цел Македонија да ја претворат во светска туристичка атракција за канабис. СДС на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакаа целосно да ја легализираат но тоа не им помина. Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола.
Поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот регион се претвори во центар за производство на марихуана за медицински цели.
Доказ за тоа дека се било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во време на СДС каде постои неусогласеност, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.
Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет.
Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар.
Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Дали Заев и Филипче ја туркале промената на правилникот?
Јавното обвинителство мора да интервенира итно. Граѓаните заслужуваат правда и одговорност за незаконското работење на овој картел.
Време е Заев и Филипче да одговорат пред законот и јавноста. Ниту еден привилегиран апликант, ниту еден нелегален процес, не смее да остане без казна“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

