Македонија
Шилегов најавува нови автобуски рути и унапреден јавен превоз за помалку од две години
Град Скопје денеска потпиша договор за изработка на Студија за оптимизација на мрежите на линиите на автобускиот превоз.
Како што информираат градските власти, потребата од ваква студија се наметнала заради фактот што актуелната мрежа на линии, според која е организиран автобускиот превоз во Скопје, е направена врз основа на студија која датира од пред точно 40 години – од 1981 година.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов посочи дека изработката на оваа нова студија е и повеќе од неопходна, имајќи предвид колку градот е променет за овие 40 години и во однос на популацијата, и во однос на урбаниот развој.
Студијата е наречена BRS (Bus Restructuring Study), а со нејзина помош ќе се изврши целосна реорганизација на мрежата на автобуски линии.
„Од оваа студија очекувам да понуди нови решенија за системот на јавниот превоз кои ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено води до пораст на бројот на патници кои го користат јавниот превоз, правејќи го индивидуалниот автомобилски превоз помалку атрактивен, а градскиот – одржлив“, нагласи Шилегов.
Оваа студија, објасни градоначалникот, ќе понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред што ќе биде во целосна согласност со потребите за мобилност на граѓаните во различни периоди од годината, викендите, празниците, но и дневните периоди усогласени со временските пикови.
„Дополнително, студијата ќе ги вклучи и двете рути на брзиот автобуски транспорт БРТ, со алтернативни сценарија со една рута и без овие рути за периодот пред неговото пуштање во употреба. Временската рамка што е предвидена за реализација на овој проект е 12 месеци, односно Студијата треба да биде завршена до јуни 2022 година. Оттука, убеден сум дека за помалку од 2 години нашите сограѓани ќе можат во целост да ги почувствуваат придобивките од новата организација на јавниот превоз во Скопје“, порача градоначалникот.
За изработувач на студијата е избран конзорциумот меѓу израелската компанија РОМ Транспортејшн и англиската ГСТЦ ЛТД со понуда во висина од 322.530 евра.
„Понудата е избрана како најдобра од вкупно 17 понуди од светски реномирани консултантски организации од сферата на транспортот. Станува збор за исклучително искусни и реномирани компании кои изработувале вакви студии за потребите на јавниот превоз на градови од Израел, Велика Британија, Романија, Литванија, Хрватска и други земји членки на ЕУ, градови од соседните Србија и Албанија, како и градови од поранешните советски републики, од Јужна Америка и други“, рече градоначалникот по потпишувањето на договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

