Македонија
Шилегов: Обезбедуваме безбедно домување за жените жртви на семејно насилство
Градоначалникот Шилегов денеска ја посети новоотворената куќа за отворено домување за жените жртви на семејно насилство, кои ја напуштиле насилната средина. Куќата беше отворена неодамна од страна на Град Скопје во соработка со Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
Овој концепт-модел овозможува реинтеграција и рехабилитација на жените жртви на семејно насилство преку обезбедување безбедно домување во период од 6 месеци на оние жени што биле жртви на семејно насилство и ја напуштиле насилната средина, а притоа немаат свое живеалиште ниту, пак, може да го користат живеалиштето на своите блиски. Поконкретно, за најмалку 10 жени жртви на семејно насилство и за нивните деца, кои живеат на подрачјето на град Скопје, ќе биде обезбедено отворено или транзитно домување во времетраење од 6 месеци од моментот на напуштање на насилната средина сè додека жртвата не биде целосно интегрирана во општествениот живот, односно не стане економски независна, не обезбеди сопствено домување и стабилен финансиски приход. Дополнително, ќе бидат обезбедени психолошка поддршка, советување и помош при вработување преку економско јакнење и унапредување на образованието. Оваа куќа за отворено домување располага со 4 простории за спиење, тоалет, бања и заеднички простор за кујна и дневен престој.
„Град Скопје изминативе години ја препознава потребата за обезбедување услуги на жртвите на семејно насилство како посебна ранлива категорија, нивна реинтеграција и рехабилитација и развива програми и мерки за помош и поддршка во согласност со нивните потреби. Ова е видливо и преку воспоставувањето на Првиот семеен центар на Град Скопје, кој функционира во рамките на Здружението нa граѓаните ХЕРА и кој претставува прв и единствен специјализиран сервис, каде што услуги добиваат и сторителите на семејно насилство, при што се работи на превенција на насилството. Само да потсетам дека пред локалните избори, уште како кандидат за градоначалник, потпишавме јавна заложба со Националната мрежа за вложување во борбата со семејното насилство и ова е производ на континуитетот што го одржуваме при креирање и реализирање на градските политики во соработка со здруженијата. Грижата за квалитетен живот на нашите сограѓани е важна за сите нас и за општеството, особено кога жената е ставена пред предизвик да се сочува како здрава и исполнета личност. Тоа за нас како локална власт е исклучителна одговорност – да бидеме нејзина најголема поддршка. Град Скопје продолжува и понатаму да поддржува унапредување на сервисите од ваков тип, со цел ефективно и ефикасно справување со семејното насилство. Продолжуваме и со поддршката на сите заложби за заштита на основните човекови права и слободи и почитување на општо прифатените норми за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената вклучувајќи го и семејното насилство. Скопје е град за сите и затоа бескомпромисно ќе се бориме да го олесниме и подобриме секојдневието секому кому нашата помош му е неопходна“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

