Македонија
Шилегов: Од Кисела Вода до Карпош преку тунелот кај Лимак без сообраќаен метеж
Вложивме многу љубов во секое маало, во секое катче од нашиот град. Додека ВМРО-ДПМНЕ преку Скопје 2014 вложи над 700.000 евра во стиропор, камен и бронза, во само 1 км квадратен во центарот на градот, ние вложувавме во секоја општина подеднакво. За нас нема поважни и помалку важни населби, за нас нема поважни и помалку важни луѓе. Секој човек е важен. Секоја општина, секоја населба, секое маало се подеднакво важни, со овие зборови градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го започна своето обраќање пред жителите на Драчево во скопската општина Кисела Вода.
„ Во Кисела Вода за само еден мандат целосно ги реконструиравме улиците Антон Попов, Бихаќка, Црниче, Востаничка и Жарко Зрењанин. Изградивме кружен тек на раскрсницата на бул. Србија со ул. Христо Татарчев. Во завршна фаза е изградбата на ул. Есенинова, со тоа го одглавуваме тесното сообраќајно грло кај Тутунски“, изјави Шилегов осврнувајќи се на реализираните инфраструктурни објекти во оваа општина.
„ Во тек се градежните активности за проширување на бул. Борис Трајковски од Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево. Во вкупна должина од 2.325 метри го прошируваме од 2 на 4 коловозни ленти, со изградба на пешачки патеки од двете страни и велосипедска патека со ширина од 2,75 метри. Ние ја направивме и велосипедската патека на бул. Борис Трајковски од бул. Србија до Пинтија, а сега ја продолжуваме и до Драчево за безбедно движење со велосипед од Драчево до Центар. Крстосницата пред мостот кај Драчево предвидено е да биде заменета со модерен кружен тек со дијаметар од 20 м, додаде Шилегов.
![]()
„ Го решаваме сообраќајот за следните 50 години! Скопје ќе биде град без сообраќаен метеж, со најголема пешачка зона во Европа во центарот на градот. Денес го презентирав планот со кој бул. Македонија (Јужен булевар) го спојуваме со Кочо Рацин и Бихаќка со 2 кружни тека и тунели под објектот на Лимак се до зградата на некогашна Нова Македонија. Во рамки на целото решение за овој дел е вклучена изградба на голем кружен тек на раскрсницата кај Нова Македонија со што го решаваме и ова тесно сообраќајно грло во градот. Овој коридор овозможува без поминување преку строгиот центар на градот, граѓаните кои патуваат од Кисела Вода да стигнат до Карпош и Ѓорче Петров, нагласи Шилегов.
Во продолжение тој се осврна и на ослободувањето на јавните простори и нивното преуредување со цел да бидат по пријатни и за пешаците, велосипедистите, но и за луѓето на кои им е потребен одмор и релаксација.
„Покривот на ГТЦ беше детектиран како топлотен остров, сега е полн со луѓе и зеленило. Полн е и плочникот пред ГТЦ од страната на Плоштадот. Го ослободивме од возила и целосно го реконструиравме Кејот 13 ноември, го ослободуваме и коритото на Вардар.

Во Кисела Вода успеавме на местата на некогашните диви депонии да подигнеме над 22.000 метри квадратни нови паркови површини каде се засадени над 1000 садници.
Ги реконструиравме средните градски училишта Браќа Миладиновци и Васил Антевски Дрен, а обезбедивме и прочистувачи за воздух во секоја училница. Со субвенциите на инвертер клима уредите во Скопје денес чадат 5.000 оџаци помалку во однос на претходно. Со субвенциите за велосипеди и тротинети Скопје денес е побогато за 15.000 велосипеди и над 600 тротинети.
Секој глас што го добиваме е еден глас повеќе за нас, глас повеќе за најдоброто за Скопје! Затоа е важно да излеземе на 17 октомври и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје на среќни луѓе, заклучи Шилегов на крајот од своето обраќање“ порача Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

