Македонија
Шилегов: Периферијата не е заборавена-Бутел е општина со најбрз развој изминатите четири години
Вечерва во Бутел градоначалниците Петре Шилегов и Велимир Смилевски остварија повеќе средби со жителите на оваа скопска општина. Тие беа придружувани од носителката на советничката листа за Град Скопје, Софија Пејкова и носителката на советничката листа за Општина Бутел, Оливера Ливриниќ.
Во своето обраќање кон бутелчани Шилегов нагласи дека коалицијата „Најдоброто за мојата Општина“ предводена од СДСМ во Бутел и во Скопје ќе слави победа уште во првиот круг.
„Бутел денес е една од општините со најмногу важни капитални проекти и затоа најбрзо се развива. Во Бутел изминатиот мандат вложивме многу затоа што 30 години ВМРО-ДПМНЕ ја забораваше оваа исклучително важна општина за развојот на нашето Скопје. ВМРО-ДПМНЕ спротивно на тоа што денес се случува го развиваше само центарот на Скопје со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, каде што на 1 километар квадратен вложи над 700 милиони евра во барок, споменици и градби кои сега се распаѓаат“, изјави Шилегов.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ трошеше стотици милиони евра во партиски музеи, партиски плоштади, партиски цркви и партиска „Бела палата“ – споменик на урбаната мафија во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ, според Шилегов е одговорно не само за зголемениот јаз меѓу центарот и периферијата, туку и за создавање поделби и конфликти меѓу скопјани од левата и десната страна на Вардар.
„Скопје веќе не е за едни мајка, а за други маќеа, како што беше кога урбаните мафијаши од ВМРО-ДПМНЕ го бетонираа Скопје со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, кој ги продлабочи поделбите, конфликтите и разликите помеѓу центарот и периферијата на Скопје“, потенцираше Шилегов.
„Со изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош обезбедивме побрз излез на скопската обиколница преку модерно булеварско решение со тротоари, вело-патеки, лед осветлување, средишно и странично зеленило. Исто и некогашната улица Босна и Херцеговина сега е булевар со велосипедски и пешачки патеки, ново зеленило и ново осветлување. Ги реконструиравме улиците Александар Урдаревски, Лазо Трповски и Боца Иванова, а започнуваме и со реконструкција на улицата Бутелска“, додаде тој.
„Во наредниот мандат го пробиваме булеварот Хрватска и ќе го продолжиме бул. Словенија до Ѓорче Петров и со тоа северниот магистрален прстен конечно ќе стане целина. Со тоа се остварува долгогодишниот сон за поврзување на Бутел и Автокоманда со булеварско решение од булеварот Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски – Карпош до Естекада. Новиот булевар оди заедно со нови линии на јавниот превоз, нови велосипедски и пешачки патеки“, најави Шилегов.
Во делот на зеленилото, Шилегов нагласи дека само во Бутел се подигнати над 73.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 1.800 садници.
„Во овој дел од градот целосно се реконструирани средните училишта Арсениј Јовков и Зеф Љуш Марку, а обезбедени се и прочистувачи за воздух за секоја училница“, изјави носителката на советничката листа на СДСМ и Коалицијата, Софија Пејкова осврнувајќи се на реализираното во делот на образованието.
„Вие сте моќта на овие избори, вие сте гаранција за победа што значи континуитет и грижа за секој човек, за секое семејство. Вие сте гаранција дека Скопје нема да запре, дека нема да назадува, вие сте гаранција дека ќе го градиме Скопје какво што вие сакате, вие сте гаранција за победа иднината наместо на минатото. Затоа е важно да излеземе на 17 октомври и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје на среќни луѓе“, нагласи Пејкова во своето обраќање пред жителите на Бутел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

