Македонија
Шилегов по повод Денот на пожарникарите: Продолжете да бидете наша гордост и херои на градот

Во противпожарната станица во Автокоманда беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарството. Свеченоста почна со постројување на скопските пожарникари, а командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, на градоначалникот Петре Шилегов му поднесе рапорт.
Шилегов во свое лично име и во името на граѓаните на Скопје им се заблагодари на пожарникарите за посветеноста и пожртвуваноста што ја покажуваат вршејќи ја оваа благородна професија.
„Градот Скопје вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нов симулатор за пламени удари, кој се користи за вежби преку симулација на реални услови на пожар. Беше набавен нов разгласен систем и во целост беа заменети гаражните врати. Набавени се нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли, кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури“, истакна скопскиот градоначалник додавајќи дека тоа е само дел од опремата која е потребна за современа пожарникарска бригада.
Шилегов нагласи и дека Бригадата за противпожарна заштита од оваа година е побогата за нови 20 пожарникари, а предвидени се и дополнителни 50-ина вработувања. Тој рече дека заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од витално значење за Скопје.
„Секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет и без вас оваа хумана мисија би била невозможна. Продолжете да бидете наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот“, им порача градоначалникот на пожарникарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.