Македонија
Шилегов: Скопје покажува дека е европска метропола и професионален организатор на масовен спектакл како маратонот
Денес по 17-ти пат на улиците на Скопје се одржа традиционалниот Виз Ер Скопски маратон, со над 7.000 учесници, од кои најголемиот дел беа домашни спортисти.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ги додели наградите на првопласираните на маратонот и се заблагодари на целата организација и волонтерите што беа дел од овогодишното издание на Виз Ер Скопски маратон.
„Честитки до сите учесници и учеснички на скопскиот маратон. Скопје уште еднаш покажува дека е европска метропола, голем домаќин и професионален организатор на масовен спектакл како што беше денешниот маратон. Благодарност до организаторите и волонтерите што несебично работеа и овозможија овогодишното издание на Виз Ер Скопски маратон да се одржи беспрекорно добро под покровителство на Град Скопје“, нагласи градоначалникот Шилегов.
Градот Скопје обезбеди целосна логистичка и делумна финансиска помош на организаторите на маратонот. Службите и јавните претпријатија на Градот Скопје се ставија целосно на располагање на учесниците во маратонот, за непосредно пред почетокот на трката улиците да бидат чисти, безбедни и погодни за трчање.
Виз Ер Скопскиот Маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ФЗО: Породилното може да доцни поради доцнење на пријава или исплата на плати кај работодавачот
Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец, велат од Фондот за здравствено осигурување во врска со изјавите на СДСМ дека исплатата на породилни отсуства доцни 30 дена.
„Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението.
Од Фондот појаснуваат дека најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец, но има исплати и потоа до крај на месецот.
„Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот. Доколку има доцнење тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, велат од Фондот.
Од таму уверуваат дека буџет за надоместоци има, и доказ за тоа е дека заклучно во месец октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6.268 предмети на породилно отсуство.
За споредба, се наведува во соопштението, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари.
„Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата“, велат од ФЗО.
Македонија
Општина Кисела Вода урна дивоградба во населбата 11 Октомври
Денес, во населбата 11 Октомври, во Општина Кисела Вода, беше рушена дивоградба, по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти.
Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
„Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според право и правда“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.
„За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Македонија
Откажано утрешното рочиште за „Пулс“: Недостасуваат адреси од оштетени и нивни застапници
Утрешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица и околу 200 се повредени, е откажано.
Судијката Диана Груевска – Илиевска ги немаше сите адреси од оштетените и нивните застапници кои треба да бидат повикани на судење за да се изјаснат за оштетното побарување.
Судијката ги евидентираше сите оштетени и застапници на оштетените кои беа присутни, но кажа дека мора да ја одложи за утре закажаната главна расправа оти ќе треба повеќе време за судот да ги извести оштетените дека треба да дојдат на судење.
Следното рочиште ќе биде на 2 декември, а дотогаш судијката очекува освен завршување на судската достава за оштетените да бидат доставени и интегрираните обвиненија до сите обвинети како што побараа нивните бранители.

