Македонија
Шилегов ја објави одлуката за номинирање на Скопје за кандидат за титулата европска престолнина на културата
Град Скопје официјално ја објави одлуката за номинирање на Скопје како можен кандидат за титулата на Европската комисија – европска престолнина на културата.
„Оваа апликација е доказ за нашите заложби за европски модерен град, каде што вистинските културни вредности ќе бидат на највисоко ниво. Сите активности на градот во културата (како што е реновирањето на Универзална сала) ќе бидат насочени кон целта Скопје во 2028 година да биде европска престолнина на културата“, изјави Шилегов.
Тој додаде дека речиси и да нема главен град во Европа што не бил кандидат за овој престижен статус и потсети дека да се биде европска престолнина на културата не значи само богата програма на настани, туку и зграбување и оживување нови културни простори.
„Тоа е потврда на културната различност на Европа и илустрација за тоа како културата обединува и не знае за граници. Таа сè повеќе зазема важно место во развојот на градовите, но и претставува двигател на урбаниот, социјалниот и економскиот развој. Искуството од досегашните европски престолнини на културата вели дека за секое вложено евро, Градот инкасира 8. Токму затоа оваа титула ќе значи и зголемен број странски туристи, и препознатливост, и поголем развој. Годината 2028 ќе дојде бргу и ќе помине, но она што овој град ќе го добие како наследство од сето тоа, ќе трае со години. Покрај тимот предводен од Роберт Алаѓозовски како стратешки координатор, јас искрено верувам дека во 2028 година Скопје ќе биде европска престолнина на културата и ќе се вброи во редот на еден Ливерпул, Даблин, Амстердам, Мадрид, Истанбул, Копенхаген…“, рече Шилегов.
Градоначалникот на Пловдив, Иван Тотев, посочи дека по аплицирањето за оваа престижна титула, научиле да планираат долгорочно и да пишуваат стратегии за проекти што би се реализирале по 5 или 10 години, но секако тоа што го издвои како најбитно е дека граѓаните почнале да се гордеат со својот град.
Давор Бујинац, советник во одделението за култура и координатор на кандидатурата на Град Љубљана, град кандидат за европска престолнина на културата за 2025 година, изјави дека Љубљана е отворен град и ова е одлична можност за стратешка соработка и споделување искуства како градови кандидати за оваа значајна титула.
Во септември годинава се формира работна група која го почна процесот на работа на иницијативата Скопје -европска престолнина на културата 2028, координирана од Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Работната група е составена од експерти во полето на културниот менаџмент, стратешкото планирање и одржливиот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

