Македонија
(Видео) Шилегов: Ќе вработуваме, имаме превработеност со неедуциран кадар
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, вели дека во администрацијата ќе има нови вработувања, но не прецизира дали бројката ќе се искачи до 700 лица, како што се вели во јавноста. Тој не кажа колку луѓе ќе се вработат и кусо изјави „Тоа е работа на процена“.
„Нема нови вработувања на начинот на кој тоа беше презентирано во јавноста. Има трансформација на работните односи, што сме должни да ја направиме во согласност со законот кај луѓе што подолг париод работеле со привремени договори. Не станува збор за нови 700 вработувања како што имаше обид да ѝ се прикаже на јавноста. Колку луѓе ќе примиме е работа на процена“, рече Шилегов.
Пред еден месец Шилегов тврдеше дека во администрацијата има 1.200 административци повеќе од она што е потребно. Сега, градоначалникот на град Скопје новите вработувања ги правда велејќи дека кадарот што моментно работи е неедуциран.
„Во делот во кој вработуваме лица – јас кажувам дека сме превработени, но кажувам и дека сме превработени со едно сериозно ниско ниво во однос на едуциран кадар, способност на луѓето. Кога јас дојдов како градоначалник, Градот имаше 17 обезбедувачи и 13 возачи. За сметка на овие луѓе, ние немаме соодветни кадри што треба да ги водат процесите во Градот и препријатијата. Такви луѓе треба да примиме. Колку луѓе ќе примиме е работа на процена. Имаме програма, но не можеме да дозволиме да имаме превработеност. А имаме превработеност на ниските нивоа. Бројките малку се лажни“, додава Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со осуда за синоќешниот упад во студиото на „Инфомакс“
„ВМРО-ДПМНЕ го осудува синоќешниот упад во студиото на „Инфомакс“ и секој обид со сила да се загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници. Ваквите инциденти се неприфатливи и претставуваат закана за основните демократски вредности кои треба да се заштитуваат и промовираат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Слободата на медиумите, правото на информирање и независната новинарска работа се темелни принципи за кои како партија отсекогаш сме се залагале. Без оглед на разликите во ставовите или уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување.
Ја поздравуваме брзата и професионална интервенција на полицијата и очекуваме сите надлежни институции целосно и доследно да ја истераат постапката.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде посветена на заштитата на слободата на изразување и создавањето амбиент во кој јавната дебата може да се одвива без страв и притисок“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Ивановски: Пробиен претпоследниот тунел на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка
Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, нa својот фејсбук профил објави видео од пробивање на 14-от тунел на железничката делница Бељаковце-Крива Паланка која е во изградба.
„Добро е кога на крајот од тунелот ќе се појави светло. Рано изутринава го пробивме претпоследниот од вкупно 15 тунели на железничката делница од Бељаковце до Крива Паланка. Ова е вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија.
Градбата на оваа траса изобилува со предизвици, а еден од поголемите се пробивањето и градбата на тунелите.
Прогресот на градбата на целиот проект не е на посакуваното ниво, но би го пофалил изведувачот за нивниот успех во градбата на тунелите.
Верувам дека и во другите сегменти од градбата за многу скоро од денес ќе почнат да бележат успех“, напиша Ивановски.
Македонија
Герасимовски: На буџетскиот форум центарци побараа повеќе зеленило и уредување на потегот кај Зелен пазар
Општина Центар го одржа вториот буџетски форум, каде граѓаните покажаа голем интерес и активно учествуваа во дефинирањето на приоритетите за 2026 година. Форумот, што се одржа во ООУ „Димитар Миладинов“, помина во конструктивна атмосфера со отворена дискусија меѓу администрацијата, раководството на општината, советниците и присутните жители, велат од општина Центар.
Граѓаните предлагаа иницијативи и проекти што им се потребни во секојдневието, што уште еднаш потврдува дека буџетот се гради транспарентно, отчетно и со директно учество на заедницата, извести Општината.

„Гласот на граѓаните и нивните потреби се важни. Тие најдобро знаат што недостига во нивните маала. Нашата работа е да го слушаме секој предлог и да го преточиме во реални проекти“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски, кој пред присутните презентираше што е реализирано во 2025 и плановите за наредната година.
„На работните маси поделени по сектори, граѓаните доставија свои предлози и барања. Во комуналната сфера се дискутираше за хортикултурно и партерно уредување на просторот кај Зелен пазар, санација на подземните гаражи, зголемување и подобро одржување на зелените површини и збогатување на населбите со урбана опрема.

Во областа на образованието беа истакнати потребите за реконструкција на училишните дворови, санација на покриви каде што има протекувања и поставување лифтови во училиштата каде што има реална потреба за подобра пристапност.
Во културата, пак, беа предложени интерактивни аудиовизуелни проекти за ученици, мобилни галерии, скулптурни инсталации и активности со кои се поттикнува креативноста и се збогатува јавниот простор.

Дополнително, дел од управителите побараа санирање на фасадите, по што општинската администрација информира дека во Буџетот на Општина Центар се предвидени субвенции за нивна обнова. Поддршката изнесува 30%, а секоја станбена заедница може да аплицира за финансиска поддршка до 1.000.000 денари, поднесена од заедницата на станари или од мнозинството сопственици.
Жителите околу Зелен пазар го отворија и прашањето за дивите пазарџии, за што градоначалникот посочи дека е потребна засилена инспекција, но и заедничка и координирана акција на повеќе институции, меѓу кои и МВР и Државен Пазарен Инспекторат, за трајно решавање на проблемот.

Форумите, заедно со анкетниот прашалник, се најважните механизми преку кои Општина Центар ги идентификува потребите на граѓаните, обезбедувајќи секој предлог да биде разгледан и да се креира буџет што ги одразува реалните приоритети на заедницата“, се наведува во соопштението на општина Центар.

