Македонија
ШК Алкалоид со нови медали на младинските првенства, промовиран и ШК Мулти Есенс
Викендов во Скопје се играа партиите од државните првенства за 2024 година за млади шахисти во екипна конкуренција, со учество на вкупно 42 екипи во сите конкуренции (до 8, 10, 12, 14, 16 и до 18 години), што сведочи за зголемениот интерес на младите низ целата држава за изучување на шаховската игра.

Јуниорите од шаховските школи на ШК Алкалоид се враќаат со медали од секоја категорија. Во највисоката категорија, за играчи до 18 години, втора година по ред младинците го обезбедуваат златниот медал и претставуваат олицетворение на она што е потребно за успех во шахот: континуирана напорна работа со врвните велемајстори на екипата, како и учество на силни турнири за градење солидна натпреварувачка форма. Во овој состав беа Никола Бошковски, Матех Бојковски, Иван Велкоски, Марко Ѓакоски и Бонита Јакимова, притоа со напомена дека Иван Велкоски имаше 100 % успех во однос на сите играчи на овој турнир.

На другите турнири од младинските првенства, односно во конкуренција до 12, 10 и до 8 години, јуниорите од шаховските школи на ШК Алкалоид освоија сребрени медали. Во конкуренцијата до 10 години имаше и посебни екипи пријавени во женска конкуренција. Претставничките на клубот се закитија со бронзен медал.

Новиот шаховски клуб кој е поддржан од компанијата АЛКАЛОИОД АД – ШК Мулти Есенс – а во кој членуваат дел од напредните младинци над 14 години, освен на јуниорските првенства ќе игра и во сениорска конкуренција. Играчите од ШК Мулти Есенс започнаа со натпревари со учество на државните екипни првенства за млади шахисти во категориите до 14 и до 16 години, а натпреварите за овие категории се во тек и ќе продолжат во последниот викенд од април.

Екипата на ШК Мулти Есенс е комплетирана и со постарите младинци до 20 години, ќе започне да се натпреварува во системот на екипни сениорски натпревари и на 20/21 април како нов тим ќе учествува во квалификациите за Втората лига, каде што ќе биде шеста екипа според стартниот рејтинг.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку свој статус на фејсбук се огласи по повод денешното изгласување на Законот за прекршоци, со кој се овозможува целосна имплементација на системот „Безбеден град“, нагласувајќи дека станува збор за одлука што директно го штити животот и безбедноста на граѓаните.
„Денешното изгласување на Законот за прекршоци е јасна потврда дека кога постои политичка храброст и одговорност, можат да се донесуваат одлуки што директно го штитат животот на граѓаните. Искрена благодарност до сите пратеници кои го поддржаа законот и покажаа дека безбедноста во сообраќајот, заштитата на човечкиот живот и јавниот интерес се поважни од дневната политика. Со оваа одлука, Собранието испрати силна порака дека државата конечно презема системски чекори против сообраќајниот хаос и бесмислените загуби на човечки животи“, порача Тошковски.
Министерот упати и посебна благодарност до граѓаните, истакнувајќи дека токму нивното одговорно однесување во тест периодот е клучно за успехот на системот.
„Посебна благодарност до граѓаните. Во тест периодот тие покажаа дека знаат, можат и сакаат да бидат дел од решението. Со промена на однесувањето во сообраќајот, со почитување на правилата и со зголемена свесност, граѓаните директно придонесоа за поголема безбедност и за намалување на сообраќајните несреќи, повредите и жртвите. ‘Безбеден град’ не е систем за казнување, туку систем за спасување животи, а токму граѓаните први го препознаа тоа“, наведува Тошковски.
Во продолжение на статусот, министерот остро реагираше на денешното гласање на СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека тие повторно покажале дека партиските калкулации ги ставаат над безбедноста на граѓаните.
„За жал, денешното гласање уште еднаш покажа дека СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи. Иако никогаш немаа храброст јавно да ја признаат својата коалиција, денес таа повторно излезе на површина преку заедничкото гласање против систем кој веќе дава резултати и спасува животи. Овој пат не се одлучуваше за функции, договори или политички пазари, туку за безбедноста на граѓаните, а тие наместо да направат чекор напред, свесно избраа да останат заробени во истите шеми, влечејќи ја државата назад. Имаа шанса да бидат дел од решението, но избраа да бидат дел од проблемот. Со тоа го направија својот избор и за тој избор ќе сносат политичка и морална одговорност пред македонските граѓани“, истакна Тошковски.
Законот за прекршоци стапува во сила од 1 февруари, со што започнува и целосната примена на системот „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.
Македонија
Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.
„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.
„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со гувернерот на Народната банка: Финалната оценка на Славески е дека екомомијата е стабилна, со солиден раст
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески.
Најпрво, гувернерот ги презентираше основните макроекономски показатели, а потем ја запозна со макроекономската политика.

Тој го објасни влијанието на глобалните геостратешки трендови врз македонската економија, објаснувајќи ги главните процеси во индустријата, трговијата и градежништвото.
Претседателката се интересираше за добрите страни на актуелната економска состојба, како и за недостатоците и ризиците.

Финалната оценка на гувернерот беше дека екомомијата е стабилна, со солиден раст, но мора да се внимава на увозната зависност и цената на храната и енергијата.

Обајцата сметаат дека стручните и компетентни човечки ресурси се особено важни за доброто функционирање на Народната банка.

