Македонија
Шукова: Пречистителната станица во „Југохром“ мора да биде во функција, трошоците за нејзино функционирање ги покриваме од буџетот
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова оствари средба со вработените на пречистителната станица за намалување на загадувањето со шествалентен хром во „Југохром Алзар“ ДООЕЛ Јегуновце – во стечај.
Состанокот беше инициран од страна на вработените во „Југохром“ – во стечај поради проблеми со исплатата на месечните приходи, побарување дополнителни средства за дежурства во неработните денови, како и обезбедување дополнителна заштитна опрема.
„Пречистителната станица е објект под сопственост на ‘Југохром Алзар’ ДООЕЛ Јегуновце, а луѓето што се грижат за нејзиното функционирање се вработени во компанијата. Од причина што оваа инсталација моментно е под стечај и не работи, а прочистувањето на водите што се излеваат од депонијата е од витално значење за заштитата на животната средина и подземните води од шествалентниот хром, Министерството за животна средина и просторно планирање ја презема обврската да ги плаќа надоместоците за месечните плати на луѓето што оперираат со пречистителната станица, како и за хемикалиите што треба да се набавуваат, односно трошоците за одржување на пречистителната станица“, вели таа.
На состанокот министерката информира дека за барањата на вработените веќе е разговарано со стечајниот управител и тие ќе бидат исполнети со новиот договор што ќе го потпише МЖСПП со стечајниот управител, односно ќе се обезбеди редовно исплаќање на платите, решен е проблемот со здравственото осигурување, а Министерството ќе направен напор да ја обезбеди заштитната опрема за вработените. Според Шукова, свесни за важноста на работата на пречистителната станица, останува да се следи состојбата со стечајната постапка, од која ќе зависи иднината на вработените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.