Македонија
Шукова: Ќе се изработува закон за заштита на почвите, пошумувањето еден од најдобрите и најодржливи начини на заштита на почвите
Во близина на ветропаркот „Богословец“, Свети Николе, со симболично засадување садници во едно од најаридните подрачја на државата се најавија подготовката на законот за заштита на почвата во Северна Македонија и големата акција за пошумување значителни површини на екстремни и голи терени во државата.
Активностите се спроведуваат во рамките на ГЕФ/УНЕП-проектот „Промовирање одржливо управување со земјиштето преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење капацитети и обновување на најранливите планински предели подобрувајќи го управувањето со заштитените подрачја“, кој има цел да ги адресира празнините не само во националната политика, законодавна и институционална рамка, туку и да направи практични теренски напори за запирање и спречување на деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите на ефективен, социјално прифатлив и одржлив начин во рамките на избрани пилот-локации. Тоа ќе придонесе за воведување, тестирање и демонстрирање нови методи и пристапи за борба против проблемите со деградацијата на земјиштето и уништувањето на шумите во нашата држава.
„Свети Николе и ова подрачје не случајно се избрани за денешната акција. Подрачјето на Свети Николе е едно од најаридните подрачја во Република Северна Македонија. Се одликува со оскудна природна вегетација, големи температурни екстреми, мали количини врнежи и силни воздушни струења (ветрови)“, истакна министерката за животна средина, Каја Шукова, потенцирајќи дека еден од најдобрите и најодржливи начини за заштита на почвата, борбата со климатските промени и подобрувањето на животната средина е пошумувањето, т.е. подигнување нови шуми на поголеми површини.
Но, како што рече таа, ни претстои многу работа бидејќи мораме областа правно да ја регулираме бидејќи таа е единствен медиум на животната средина што не е правно регулиран и од таа причина почнавме со изработка на закон за заштита на почвите.
„Овој закон ќе утврди не само насоки за одржливи практики за управување со почвата туку и ќе ни овозможи да се справиме со деградацијата, ерозијата и загадувањето. Со поставување јасни стандарди и регулативи целиме да промовираме одговорно управување со почвата, со што ќе обезбедиме здрав ресурс за производство на храна преку регулирањето на климатските услови и поддршката на одржливи прехранбени системи“, додаде Шукова.
„ЈП ‘Национални шуми’ континуирано ги спроведува активностите за пошумување на целата територија на државата во согласност со програмите и плановите. На годишно ниво се пошумува површина од приближно 500 хектари. Активно се вклучуваме во компонентата за пошумување на овој проект. Со тоа се интензивираат нашите активности и се засилуваат напорите за спречување на опустинувањето и деградацијата на почвите и земјиштето и се спречува ерозијата“, истакна Маре Басова, помошник-директор во „Национални шуми“.
Реализацијата на проектот е поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF), Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) и Министерството за животна средина и просторно планирање како краен корисник и многубројни партнери, меѓу кои и Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – ИПЕК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

