Македонија
Ѓорчев: Нема првачиња оти над 4.000 деца родени во 2017 се иселиле со родителите
Македонија никогаш во својата историја немала помалку првачиња, никогаш немала помалку ученици, никогаш немала помалку средношколци. На Македонија и се случува и демографска и образовна и човечка катастрофа. Ни се затвораат училиштата, нема доволно првачиња, нема доволно часови за наставниците, има празни училишта, празни клупи и апокалипса која ни се случува пред нашите очи, рече на денешната прес конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.
– Со Димитар Ковачевски и неговите министри Македонија преживува егзодус кој буквално ги десеткува ги колабира училиштата низ Македонија и основните и средните. Маалата и улиците ни остануваат без деца, рече Ѓорчев.
Тој изнесе бројки дека во Општина Велес во однос на минатата година има 49 помалку првачиња што е намалување од 10%, Општина Охрид има 94 помалку првачиња што е намалување од 17% за само една година, а Општина Струга има 52 помалку првачиња штоза само една година е намалување од 9%.
Според податоците што ги изнесе Ѓорчев, Општина Тетово има 200 помалку средношколци и 50 помалку основци кои се запишани во основно образование, додека Општина Гостивар има само 50% пополнети места во основно и средно образование, тоа значи дека има празни училници, празни клупи и недоволно ученици.
– Во Општина Струмица последниве години буквално е преполовен бројот на ученици. Ако во 2019 година се запишувале 750-800 ученици, сега оваа година таа бројка е значително помала. Имаме 4 училишта во 4 села кои немаат ниту едно прваче. Училиштето во Раборци, училиштето во Попчево, училиштето во Мемешли и училиштето во Габрово, тоа се 4 училишта немаат ниту едно единствено прваче, рече Ѓорчев.
Во 2017 година, годината кога се родени денешните првачиња, родени се 21.700 деца, а сега според овие тенденции, според овие бројки коишто се комплетираат, бројот на првачиња ќе биде можеби нешто под 18.000 првачиња. Тоа значи дека само до нивната 6-та година, до наполнети 6 години сме изгубиле 15-20% деца коишто се иселиле и си заминале од Македонија сосе нивните родители. Тоа е пад од фрапантни 4 илјади деца од 0 до 6 години. Поделете го тоа на 20 деца по паралелка, значи дека само од 0 до 6 години од 2017 година и Зоран Заев со неговиот „Живот во Македонија“, сме изгубиле 200 паралелки, објасни Ѓорчев.
Тој оваа појава ја нарече демографското исчезнување и демографски и иселеничкиот егзодус којшто ѝ се случува на Македонија, а за тоа ја посочи економската катастрофа и корупцијата, како и неспособноста на Димитар Ковачевски и неговите министри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.