Македонија
Ѓорче Петров ќе добие нова градинка
Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, беа на градилиштето, каде што за една и пол година би требало да биде завршена новата градинка во населеното место Волково.
Вложувањето во децата е најдоброто вложување што го прави државата и директно вложување во економијата, посочи вицепремиерката Царовска.
„Новата градинка ќе ги релаксира просторните услови на децата што веќе одат во постојните градинки во овој дел од градот и ќе се обезбедат многу посовремени услови за згрижување на децата. Како Влада навистина покажавме дека инвестирањето во предучилишното образование е наш висок приоритет. Само во две и пол години вложивме повеќе од 180 милиони денари, што покажува дека сакаме да ја подобриме инфраструктурата во детската заштита. Исто така, преку програмата на Светската банка обезбедивме 15 милиони евра за дополнителни инвестиции во градинките. Важно ни е и да се зголемува квалитетот на програмите за рано учење и ран детски развој. Ова го правиме со цел да го подготвиме новиот човечки капитал што го имаме во нашата држава, да може да ги пресретне современите текови на живеење и полесно да се справи со сите предизвици. Со тоа директно придонесуваме за развој на економијата и на државата во иднина“, нагласи Царовска.
Министерството за труд и социјална политика во буџетот за 2020 година издвои 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки.
„Градинките не се места каде што децата само се згрижуваат, јадат и спијат, туку тоа се места каде што децата почнуваат да учат, да го спознаваат светот и да се социјализираат. Затоа е навистина важно секое дете да има еднакви можности за почеток во животот, а наша обврска како институции и од централната и од локалната власт е тоа да им го овозможиме. Токму затоа силно инвестираме во раниот детски развој. Вкупната инвестиција во оваа градинка е над 80 милиони денари, од кои околу 73 милиони денари се обезбедени од МТСП заедно со Светската банка“, рече дополнителната заменик-министерка Шкријељ.
Градоначалникот Наумоски рече дека градинката ќе биде најубавата во државата. Во градинката, што се гради во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, дел од детството ќе го минуваат 175 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

