Македонија
Ѓорѓиевски: Арсовска да не се крие и да ги внесе приоритетите на скопските општини во буџетот за 2025 година
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со другите градоначалници од скопските општини, денес учествуваше на координативна средба со претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски, каде што повторно изостана присуството градоначалничката Данела Арсовска. Средбата беше свикана во контекст на подготовката на буџетот за 2025 година, чија содржина се крие не само од Советот на Град Скопје туку и од сите граѓани, соопштија од неговиот кабинет.
Градоначалниците на општините во Скопје се договорија за неколку клучни чекори, меѓу кои:
До петок да достават приоритетни проекти за вклучување во буџетот за 2025 година, иако тој не е транспарентно презентиран и Советот не е вклучен во неговото изготвување.
Побараа поголема координација меѓу градските и општинските служби за реализација на проекти од значење за граѓаните.
Укажаа дека немањето комуникација и транспарентност од страна на Градот создава хаос што ги засега сите жители на главниот град.
Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изјави:
„Арсовска да не се крие и да ги внесе приоритетите на скопјани во буџетот за 2025.
Денес, заедно со колегите градоначалници од скопските општини го посетивм Град Скопје, односно претседателот на Советот, Трајко Славевски, за да го разгледаме предлог-буџетот за 2025 година и она што е план да се работи во годината што е пред нас.
Како и обично, градоначалничката Арсовска не се појави на овој состанок. Побаравме од градските служби да го дадат на увид предлог-буџетот, но, исто како што се крие Арсовска, се кријат и документите од претседателот Славевски и од скопјани.
На овој состанок се договорија и неколку клучни работи:
До петок сите колеги градоначалници до Советот на Град Скопје да испратат приоритетни проекти, кои ќе влезат во буџетот за 2025 година, со оглед на тоа дека тој не е даден на увид, а при изработката не се вклучени ниту советниците;
Побаравме и поголема меѓуопштинска соработка за општините да можае да реализираат проекти на просторот каде што надлежен е Градот.
Немањето координација од страна на Градот е сериозен проблем, кој ги засега сите скопјани.
Единствено позитивно е што за седум месеци од сега Скопје ќе биде спасено од овој хаос што му се случува. Скопје повторно ќе биде горд град“, посочи градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

