Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Заев излажа дека парите и униформите нема да бидат двојазични
„Владејачкото мнозинство на сила и без почитување на правото на амандманска расправа го донесе неуставниот закон за двојазичност, кршејќи го Уставот, законот и Деловникот на Собранието. Со овој неуставен, неприменлив и штетен закон, без постоење на реална потреба се наметнува двојазичноста на целата територија.Со овој закон се предвидува и двојазичност на парите, ковани и книжни, но и на униформите на полицијата, пожарникарите и здравствените работници“, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, законот е во целосна спротивност со Уставот и амандманите 5 и 8 од истиот. Овој закон ја загрозува унитарноста на државата и единството на полицијата, како орган. „Ова е сосема спротивно од ветувањата на Зоран Заев дадени пред македонската јавност и претседателот на државата Иванов, а искажани од партиска прес-конференција на 10 март 2017 година, на која Заев кажа дека уставните експерти кои ги консултирал му укажале дека двојазичноста на парите и униформите е спротивна на уставните одредби. Заев вети, Заев излажа. Со новиот закон за двојазичност парите, ковани и книжни ќе бидат двојазични. Двојазични ќе бидат и униформите на полицијата, пожарникарите и здравствените работници. Заев ги излажа македонските граѓани и претседателот Иванов кој му го даде мандатот“, додаде Ѓорѓиевски.
Тој додава дека законот за двојазичност е неуставен, а тоа го потврдија и експертите по уставно право а и претседателот на нашата држава. „СДСМ наместо интересите на државата и граѓаните, на преден план ги стави коалициските интереси. Владејачкото мнозинство не ги испочитува забелешките на претседателот Иванов, за неуставноста на законот за двојазичност. СДСМ и ДУИ се ставија над Уставот. Оттука чекорот на претседателот Иванов да не го потпишува указот на законот за двојазичност е државнички потег и единствено очекуван потег кога се крши Уставот и се дерогира правото“, вели Ѓорѓиевски.
ВМРО-ДПМНЕ не го признава овој закон и никогаш нема да го признае овој неуставен закон. Партијата потенцира дека за ова флагрантно кршење на правниот поредок на државата одговорност ќе има и најавува дека ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против Талат Џафери, „кој ја узурпираше функцијата претседател на Собранието“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

