Македонија
Ѓорѓиевски и Мицкоски на почетокот на градежните работи за реконструкција на патот Драчево – Пеленица
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, денес заедно го означија почетокот на градежните работи за реконструкција и проширување на патот Пеленица-Драчево, односно реконструкција на коловозот на патот кој води кон манастирот „Пеленица“ во општина Кисела Вода.
-Денес сме сведоци на уште еден значаен чекор во насока на подобрување на квалитетот на животот на жителите од Кисела Вода, Драчево и околните населени места. Со почетокот на реконструкцијата на патната делница Пеленица-Драчево, на потегот од Јустинијан Први до границата со Општина Студеничани, ја демонстрираме заедничката посветеност на локалната и централната власт за решавање на инфраструктурните проблеми кои со децении чекаа решение. Станува збор за реконструкција и проширување на фреквентна сообраќајница со должина од 3.400 метри, со изградба на тротоар од едната страна, што досега никогаш досега го немало, односно изградба на пешачка патека за рекреирање на жителите на овој дел од градот. Тука ќе се изведува и третирање на атмосферските води со ф 1000 цевки и поставување на каналетки за одведување на водите. Оваа делница, која не е обновена цели 30 години, конечно ќе добие нов лик и нов квалитет, обезбедувајќи подобри услови за жителите на Кисела Вода и Студеничани, како и за сите што ја користат оваа сообраќајница за пристап до селата.
Проектот, со вредност од околу 25 милиони денари, е реализиран благодарение на средствата добиени од Владата на Република Македонија за капитални инвестиции. Убеден сум дека оваа реконструкција, ќе придонесе за подобрување на безбедноста, ефикасноста и функционалноста на сообраќајот, и дека ќе ги постави основите за понатамошен развој на регионот-изјави Ѓорѓиевски.
Мицкоски ја поздрави посветената работа на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и добрите проекти како денешниот кој е финансиран од владините средства за поддршка на општините.
-Ова е еден од оние проекти финансирани од Владата, односно со средствата кои се реалоцирани од централниот буџет кон општините. Во Кисела Вода во наредниот период ќе имаме уште неколку такви, се подготвуваат и други проекти за периодот што следи, односно за следниот повик. Јас сум сигурен дека со проекти како овој ќе додадеме вредност во квалитетот на животите на граѓаните од ова населено место, но и од соседната општина Студеничани“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

