Македонија
Ѓорѓиевски најави модернизација на Зоолошката градина во Скопје
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја презентира стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која, како што рече, почнува ново поглавје во развојот на оваа институција.
„Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Чест ми е што денес ја презентираме стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот зоолошка градина како место за забава кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните“, вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целта е Зоолошката градина да стане училница на отворено, од каде што децата ќе заминуваат не само со спомени туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.
„Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на Градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не може сами да опстанат во дивината. Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на ЕАЗА, со јасна цел за полноправно членство. Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост“, рече градоначалникот.
Тој најави целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
Со овие чекори, рече Ѓорѓиевски, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде што се среќаваат науката и грижата за животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

