Македонија
Ѓорѓиевски: Ниту сум гласал, ниту можам да гласам за донација на УСЈЕ, за истата гласаа советниците на Левица
„Советниците од фејсбук партијата Левица кои година и пол земаат пари од граѓаните и за истите наместо да работат во нивна служба тие пишуваат статуси, добро би било за промена конечно да се запознаат со својата работа!“, пишува во својот фејсбук статус градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Јас ниту сум гласал за донација од Усје ниту можам да гласам – ТИЕ ГЛАСАА!
Ако им проаѓаат приказните за мали деца низ цела Македонија, во интерес на вистината јас нема да дозволам некој да манипулира со чувствата на граѓаните затоа што и моето петгодишно дете и мојата фамилија живее во Кисела Вода и јас сум првиот кој се бори против тоа, но заклучно со моите ингеренции!
Почитувани, добро знаете дека мојата работа е транспарентна и секогаш отворена за народот, па од таму на почеток сакам да истакнам дека јас ниту некого сум штител ниту пак имам намера да штитам и единствениот пакт што го имам е со мојот народ!“, пишува тој на социјалните мрежи.
„Политичар за мене е да се грижиш за доброто на граѓаните, за оние кои ти ја дале довербата и за унапредување на нивниот живот а не да бидеш политикант кој одвреме-навреме ќе напише ,,хаха” статус на социјалните мрежи, па макар тоа да биде и целосна измислица со цел да се ,,оправда” неработењето, незнаењето и неисполнувањето на неколкуте илјади ветувања при доаѓање на власт. Но, народот гледа, тој е оној кој дава и зема.
Да одиме по ред и со докази:
Одлуката за донација на цемент од компанијата Цементарница Усје со која ревносно тврдат, цитирам, ,,е купен градоначалникот на Кисела Вода”, не е изгласана од моја страна туку од оној кој има надлежност за тоа, во случајов – Советот од кој се дел самите советници на Левица. Јавноста треба да знае дека за оваа одлука која сега оваа партија ја именува како поткуп, гласале СИТЕ советници, вклучително и советниците на Левица што добро се гледа и од стенограмот од седницата на која е донесена таа одлука.
Ако е ова поткуп, како што тие велат, биле ли тие, советниците од Левица, поткупени кога гласале ЗА или се надевале на некаков надомест за гласањето, па сега се чувствуваат изиграно?
Исто така, многу е симптоматично што Левица или има тотално непознавање или свесно манипулира со лажни информации за надлежноста околу контролирањето на загаденоста кога е во прашање Цементарница Усје“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, голем сомнеж буди и целосниот молк од страна на Левица околу институциите од централната власт и градот Скопје за кои и обичните граѓани, како што вели, знаат дека тие се единствените кои имаат надлежност да ја контролираат Усје.
„Ако се работи за незнаење, на располагање им ги нудам сите наши служби за да ги едуцираат и информираат каде треба да реагираат и да бараат одговори.
Имено, Цементарница Усје има добиено А интегрирана еколошка дозвола за чие одобрување е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање. Контрола на издадените А интегрираните еколошки дозволи, односно контрола на работата на Цементарница Усје врши Државниот инспекторат за животна средина.
Тука сакам да ве известам и дека од страна на Општина Кисела Вода е пратен допис до надлежните со барање за почести контроли. Воедно, во изминатиов период се случуваа и рушења на дивоградби и борба со урбаната мафија, нешто што 30 години не се случувало во оваа општина.
Затоа и збунуваат ваквите обвинувања, отворајќи сомнеж за други пактови, но не мој, туку на партијата Левица, за кои треба да им одговорат на граѓаните“, пишува градоначалникот на Кисела Вода.
Додава дека за сите невистини и лажни обвинувања, ќе поднесе тужба до надлежните органи па, како што вели, ќе си го кажат ова таму каде што треба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

