Македонија
Јавен повик за работа на доктори во примарна здравствена заштита во здравствен дом
Со цел да се обезбеди можност за работа во траење од шест месеци на доктори на медицина со лиценца за работа во примарна здравствена заштита, Министерството за здравство ги поканува сите заинтересирани доктори на медицина да се пријават и достават писмо за интерес до Министерството за здравство.
Во согласност со член 8 од Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/19), докторите на медицина со лиценца за работа треба да поминат на работа шест месеци во примарна здравствена заштита во здравствен дом како еден од условите за запишување на специјализација.
Овој услов е задолжителен за сите здравствени работници со високо образование од областа на медицината – доктори на медицина, кои со лиценца за работа се стекнале или ќе се стекнат по 22 мај 2019 година во согласност со Законот за дополнувањето на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101/19).
Заинтересираните доктори на медицина треба да имаат завршена пробна работа, положен стручен испит и лиценца за работа. Работата во траење од шест месеци ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност, што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.
Со стекнување искуство, со добивање шанса за работа, ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера. Со овие мерки веруваме дека ќе ги задржиме нашите лекари да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе.
За пријавување на јавниот повик, потребно е да се достави писмо за интерес, во кое задолжително да се наведат: име и презиме, адреса на живеење, контакт-телефон и адреса на електронска пошта (имејл-адреса), копија од лиценцата за работа и да ја наведат јавната здравствена установа во која се изразува интерес да се врши работата според местото на живеење на заинтересираниот кандидат.
Пријавата заедно со документацијата потребно е да се достави во Министерството за здравство, ул. „50. дивизија“ бр. 14, 1000 Скопје, најдоцна до 15 јуни 2019 година, со назнака: јавен повик за изразување интерес за работа во примарна здравствена заштита во здравствен дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ планира прифаќање мигранти и кредит од 6 милијарди евра
СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ планира прифаќање мигранти и земање кредит од 6 милијарди евра, со кој, како што наведуваат, би се финансирало нивното сместување, исхрана и изградба на социјални станови.
„Со кредитот од 6 милијарди евра да ги плаќаме мигрантите, да ги храниме и да ја плаќаме изградбата на социјални станови за нив. Така изгледа ‘патриотската’ политика на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ истакнуваат дека тие се партијата ја внела Северна Македонија во НАТО со цел зајакнување на безбедноста и заштита на државните граници, додека, според нив, ВМРО-ДПМНЕ со вакви планови ја загрозува безбедноста на државата.
Во соопштението се наведува дека државата, како што тврдат од СДСМ, нема финансиски средства, па би земала кредит што би го враќале идните генерации, со цел сместување на мигранти кои, според нив, други земји од Европската Унија ги депортираат за да ја зачуваат сопствената безбедност.
СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна да обезбеди ниту еден мал прифатен центар, наведувајќи дека мигрантите демолирале таков објект, и изразува сомнеж во можноста за сместување поголем број мигранти во земјата.
Во соопштението се посочува и дека мигранти веќе пристигнале во Албанија и Косово, а се тврди дека следна на ред би била Северна Македонија.
Македонија
Со голема донација во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, Mozzart ја заокружува својата приказна на хуманост за 2025 година
Најубавите дела секогаш се оставаат за крај – токму така компанијата Mozzart ја завршува оваа година, со гест кој носи надеж и светлина. Во специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид пристигна вредна донација – современ ортопедски трауматолошки борер, апарат кој ќе ја олесни работата на лекарите и ќе им овозможи на пациентите побрзо и поквалитетно лекување.
„Нашата благодарност кон Mozzart е огромна. Оваа донација е од исклучително значење за нас – апаратот го скратува времето на операциите и го зголемува нивниот квалитет. Со гордост можам да кажам дека добивме една од најсовремените опреми, донација која ретко која компанија би можела да ја обезбеди,“ истакна директорот Харалампие Шокаревски.
Оваа болница, единствена од својот вид во државата, е место каде што доаѓаат пациенти од сите градови. Токму затоа, значењето на донацијата е уште поголемо.
„Горди сме што успеавме да ја реализираме оваа донација во болницата Свети Еразмо. Најубаво е кога годината ја завршуваме со дело кое носи добрина и надеж,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Mozzart ја започна 2025 со хуманост, а ја завршува на ист начин – со срце и грижа за луѓето. Со нови големи проекти, компанијата чекори со сигурност и подготвеност кон 2026 година, носејќи ја истата порака: хуманоста е најголемата победа.
(ПР)
Македонија
Нова истрага за проневера во прилепската болница: благајник украл 15 милиони денари од наплати на шалтер
Постапувајќи по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за продолжено кривично дело – Проневера во службата.
„Постои основано сомнение дека тој во временскиот период од 01.01.2020 година до 31.12.2021 година, во својство на службено лице – самостоен референт – главен благајник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално – финансиски работи и сметководство при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата“, соопшти обвинителството.
Тој во повеќе наврати дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата, не изготвил обрасци „каса-прими“ и истите противправно ги присвоил за себе со што прибавил значителна имотна корист во вкупен износ од 15.063.284 денари.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.

