Македонија
„Јавноста бара одговори, а добива уште една сцена на политичка формалност“, велат од Блупринт групата за реформи во праводуството за комисијата за Кочани
Јавноста бара одговори, но наместо одговорност, добива уште една сцена на политичка формалност. Семејствата уште еднаш беа оставени да гледаат како институциите формално „дискутираат“, а суштински не се прават чекори кон конкретни мерки. Ваквата слика испраќа порака дека: дури и во ситуации со висока човечка цена и огромно јавно очекување, политичкиот интерес има поголема тежина од политичката одговорност.
Ова го констатира Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со расправата на Постојаната анкетна комисија за човекови права посветена на случајот со пожарот во Кочани, што се одржа на 9 декември.
На расправата беше разгледувана иницијатива поднесена од родителите на жртвите во трагедијата, преку здружението 16 Март 2025 – Кочани.
Според Блупринт групата, расправата повторно го потврдила она на кое со години укажуваат граѓанските организации: институционалниот систем на заштита, контрола и одговорност е суштински нефункционален.
„Трагедијата во која загинаа 63 лица не е резултат само на индивидуални пропусти, туку таа е директна последица на децениска институционална незаинтересираност, избегнување одговорност и отсуство на вистинска политичка волја за реформа.
Иако Собранието има уставна и политичка обврска да води темелна и одговорна расправа, очигледна беше недоволната посветеност на голем дел од пратениците. Уште на самиот почеток се предложи расправата да се одложи, па дури и целосно да се избегне, под изговор на ненадлежност, пристрасност и влијание врз судските и истражните постапки. Исто така, кога медиумите ја напуштија салата, истото го сторија и голем број пратеници и високи поканети гости, меѓу кои и Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата и Претседателот на Републиката, без најавување или оправдување на отсуството од понатамошниот тек на дискусијата“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека перцепцијата е дека поголемиот дел на декларативни констатации за „нефункционален систем“ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност.
„Родителите на жртвите во своето обраќање јасно побараа правда, а пратениците, речиси без исклучок, повторија дека „системот не функционира“. Во текот на расправата само три до четири пратеници понудија конкретни и конструктивни предлози. Притоа, перцепцијата беше дека поголемиот дел на декларативни констатации за „нефункционален систем“ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност. Токму затоа го поставуваме прашањето: кој е системот? Ако системот не функционира, мора конечно да биде јасно кој го сочинува и зошто никој не понел политичка одговорност за децениските пропусти. „Системот“ не е само апстрактен поим, тоа се Владата, Собранието, судовите, регулаторите, инспекторатите и сите институции што треба да создаваат, контролираат, надгледуваат и санкционираат. Кога нема одговорност, тогаш системот не е нефункционален по случајност, туку по нечие недејствување“, велат од групата.
Од таму сметаат дека Комисијата има и морална и институционална обврска, како и уставна должност да донесе конкретни заклучоци и јасни чекори што ќе доведат до утврдување политичка одговорност и решение за тоа како системот да стане функционален.
„Како Блупринт група бараме: сериозен, доследен и итен процес – без релативизирање, без одолговлекување и без политичка апстракција. Притоа, посочуваме дека мора да се внимава да не се предизвика ревиктимизација на родителите и преживеаните“, велат од Блупринт групата и додаваат дека бараат трагедијата во Кочани конечно да биде третиранa како приоритет и пратениците обединето да настапат во заштитата на човековите права на граѓаните.
Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП) и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

