Македонија
Јавно обвинителство: Од „Телеграм“ засега немаме добиено никакви податоци за случајот „Јавна соба 2“
Од Јавното обвинителство велат дека активно постапуваат за утврдување кривична одговорност во предметите поврзани со групите „Јавна соба“, во пресрет на петтиот Марш за женските права, којшто е најавен за денеска со почеток од 15 часот, каде главен фокус ќе биде токму реакцијата на институциите по однос на овој счучај.
Од обвинителството посочуваат дека во врска со случајот „Јавна соба 1“ каде преку платформата „Телеграм“ се споделуваа интимни фотографии, нарушувајќи ја приватноста на жртвите, на 5 февруари годинава донеле наредба за спроведување истражна постапка против две лица за производство и дистрибуција на детска порнографија.
„Во периодот од 19 декември 2019 до 28 јануари 2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, се наведува во соопштението на обвинителство во кое се додава дека истрагата во овој предмет е во тек и е во завршна фаза.
Во однос на вториот случај, „Јавна соба 2“, кој беше актуелен на почетокот на годинава, од обвинителството велат дека е во фаза на предистражна постапка.
„На 27 јануари годинава преку МВР од ‘Телеграм’ се побарани податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа ‘Телеграм’ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група“, посочуваат од обвинителството.
Поради ова, искористени се и механизми на меѓународна правна помош, па податоците се побарани и од Обединетото Кралство.
„Во Основното јавно обвинителство Велес во врска со ‘Јавна соба 2’ оформен е предмет и донесена е наредба за истрага против едно лице поради сомнение дека го сторило кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија“, објаснуваат од обвинителството и додаваат дека при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видеозаписи со детска порнографија.
Во однос на „Јавна соба 2“ оформени се предмети и во Битола, Прилеп и Кавадарци.
Битолското основно јавно обвинителството има издадено наредби за вештачење на ЦД и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази, а во Прилеп од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење.
Во Кавадарци во тек е прибирање на материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали.
Инаку, петтиот Марш за женските права, по повод Меѓународниот ден на жената, ќе се одржи под мотото „Држава што не постапува е држава што силува“.
„Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група ‘Јавна соба’ и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“, велат организаторите на маршот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

