Македонија
Јакимовски: Сите кои поддржуваат промена на Уставот, одговорете им на граѓаните дали Македонците се нација од 1944 година
Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски, денеска оствари средба со граѓаните на Гостивар.
Иселувањето е главен проблем и во Гостивар, како и во цела Македонија, заклучи Јакимовски кој порача дека „младите се иселуваат затоа што не сакаат функционерите да виткаат кичма, како што тоа го правеа досега“.
Дополнително, уште еднаш нагласи дека е за продолжување на интегративните процеси на Македонија, но истовремено македонските граѓани сакаат да живеат во нормална и просперитетна држава.
„Далеку од тоа дека ние не сме за интегративни процеси, напротив ги поддржуваме, но во исто време ние сакаме нормален развој, како секоја нормална држава и ние сакаме респект кон Република Македонија и кон нејзините граѓани, како што тоа доликува на секој народ. Не може на македонските граѓани сѐ да им се наоѓаат нови и нови причини и нови и нови пречки за да се опструира нашиот влез во Европската унија“, истакна Јакимовски.
Порача дека е против внесување на Бугарите во македонскиот Устав и постави три прашања до сите политичари и претседателски кандидати кои велат дека ќе поддржат уставни измени.
„Кажете им на граѓаните, дали Македонците се нација од 1944 година, дали македонскиот јазик е нарчеје на бугарскиот јазик и дали Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски дејци, Димо Хаџи Димов и така натаму, се македонски дејци или се Бугари по род како што тоа го тврди бугарската историографија?“ – праша Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

