Македонија
Јакимовски: Советниците на ГРОМ ќе продолжат да ги поддржуваат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ
Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски му порача на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека советниците од неговата партија во сите општини ќе продолжат да ги поддржуваат и ќе гласаат за ветените проекти и програми на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, кои упорно ја опструираат работата на општината.
Јакимовски го прашува Мицкоски дали чувствува одговорност за опструкцијата што ја прави во општините во кои што тој нема градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Скопје, којшто очигледно веќе не го чувствува за свој.
„Сакам да му порачам на мојот колега Муцунски од општина Аеродром дека нема потреба и натаму да прави обиди за купување советник од ГРОМ, под изговор за наводна грижа за негово работно ангажирање. И ова е порака не само до него туку до сите градоначалници, не само од ВМРО-ДПМНЕ туку од која било партија. Таму каде што советникот на ГРОМ е одлучувачки, советниците на ГРОМ немаат добиено наредба да ги опструираат градоначалниците и нивните одлуки. Ќе продолжиме така, немате потреба од никакво купување, напротив, секаде ќе бидете поддржувани со цел да ги исполните ветувањата коишто ги дадовте на граѓаните во општините во коишто ја добивте власта. Сакам јасно да ви кажам дека вака работам јас и Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ. Ние секаде ќе ве поддржуваме, за разлика од вас коишто нè опструирате во општина Карпош и 2025 година, граѓаните ќе можат да направат разлика, меѓу вас, кои сте поддржувани, и мене, којшто во континуитет ме опструирате.
Во исто време, сакам да му порачам на господинот Христијан Мицкоски, за бетонизација на Карпош, не може во мене да најде квалитетен соговорник. Искрен да бидам, тој не е квалитетен соговорник за многу работи. Но, се прашувам, како тој е квалитетен соговорник за градоначалникот на Ѓорче Петров, господинот Александар, и таму се договараат да се изгласа цела населба, со 50 нови станбени згради, од кои и 17-катници. И да му повторам, и советникот од ГРОМ исто така гласаше, со цел да не врши опструкција на градоначалникот на Ѓорче Петров, и ние ќе продолжиме така. Но, во исто време сакам да му порачам на господинот Христијан Мицкоски дека будно ќе следиме каде и во кои општини ќе се носат урбанистички планови за наводна бетонизација на општините, и сето тоа ќе го претставуваме пред граѓаните, со цел да се види неговата лицемерна и лажна политика, зад којашто практично се крие само опструкција и ништо повеќе во општина Карпош. И сакам само да го прашам, чувствува ли одговорност за тоа што се случува во Скопје. Чувствува ли одговорност за неговите неодговорни политики? И чувствува ли одговорност за опструкцијата што ја прави во општините во коишто тој нема градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Скопје, којшто очигледно веќе не го чувствува за свој. И очигледно дека ова е негов начин и модел на функционирање, опструкција во општините, опструкција во столицата на Р Македонија, опструкција во Собранието на Р Македонија“, вели Јакимовски.
Додава дека граѓаните јасно ќе препознаат кој е конструктивен и кој нуди решенија за нивните проблеми, „а кој само кенка, како дете пред исфрлање сипаници и сè му пречи и е против сè, а демек кога ќе дојде на власт, тој ќе ги решел сите проблеми“.
„За жал, она како ги демонстрира, како ја води локалната самоуправа и градот Скопје е вистински пример за тоа каков хаос ќе направи ако не дај Боже еден ден, го превеземе водството во РМакедонија“, истакнува Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.

