Македонија
(Видео) Јанакиески бара да биде ослободен: Не сум виновен за упадот во Собранието
Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој е обвинет дека бил организатор на упадот во Собранието на 27 април, побара ослободителна пресуда. Тој се заколна дека не придонел да се случи крвавиот настан.
Јанакиески рече дека бил во притвор за околности за кои сега обвинителката Вилма Русковска кажала пред медиумите дека нема докази. Тој очекува да биде ослободен од сите обвиненија.
„За овој предмет бевме во притвор со Спире. Ниту за тој настан се најдоа мотивите зошто бевме претепани ниту се откри вистината за 27 април“, рече Јанакиески.
За пораките разменети со ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, во кои таа бара свирчиња од Јанакиески, обвинетиот рече: „Па со свирчиња ли ги викна некој присутните пред Паркот на жената борец да влезат во Собранието?“
Тој вели дека како и во текот на судскиот процес и сега не негира дека давал мислења за јавни личности што биле говорници, но не бил организатор на протестите на „За заедничка Македонија“.
„Обвинителниот акт и ваквото постапување на Обвинителството ја наметнува правната несигурност што во основа ја има правната дискриминација базирана на фикции, лажен исказ и претпоставки за вина, а сето тоа се прави како обид да се докаже дека јас сум виновен за дејствата што ми се ставаат на товар со обвинителниот акт. Не сум јас тој што треба да седи тука пред вас на оваа обвинителна клупа“, рече Јанакиески.
„Главното прашање што се поставува денеска пред вас е ‘дали за овие 2,5 години слушнавте од Обвинителството: еве го доказот против Миле Јанакиески, еве го доказот дека Миле Јанакиески ги сторил дејствата што му се ставаат на товар?’ Ниту вие, ниту јас, ниту моите бранители ниту, пак, јавноста не слушна, ниту виде. Сето ова време се правеа манипулации и се зборуваше од страна на Обвинителството дека ‘Миле ги координирал комитетите за масовност на протестите’. И, одеднаш, по речиси 2 години судски рочишта, на крајот од постапката – тој дел исчезнува. Излегува обвинителката и вели: ‘Немаме докази’. Па оттука се прикажува нова приказна: ‘Миле ги организира пратениците и протестите’. Е, како е тоа направено? Се јавила Канческа-Милевска и барала свирчиња. Добро, и? Со свирчиња ли ги викна некој присутните пред Паркот на жената борец, кои го извршија актот на насилство да влезат во Собранието? Без поента се целата таа помпезност и презентирањето на тие пораки, кои, за жал, не може ни да се поврзат со обвинението, освен ако, како во случајот, некој си замислил некаква фикција нешто дека е така, па тоа евтино и се надевам безуспешно го продава пред судот и јавноста“, изјави Јанакиески.
Во периодот кога се разменувани и пораките што Обвинителството ги презентирало, Јанакиески вели дека немало никакво насилство, ниту нетрпеливост, а во Собранието не се дискутирало за избор на претседател.
За пораките со Канческа-Милевска, обвинетиот рече дека не може да се предмет на кривично дело, а тоа го потврдила и Русковска со изјавата пред медиумите, во која рекла: „Немаше обвинение за неа затоа што немавме докази. Освен ангажирање уметници и познати личности, таа не направила што и да било друго конкретно“.
„Ако за Канческа-Милевска нема докази, како може за мене врз основа на истата комуникација да се бара од вас да утврдите дека јас сум наводен организатор на протестите и тие да претставуваат како доказ за упадот во Собранието. Како може за Канческа-Милевска, која контактирала со нив, да нема основ за кривично гонење, а за мене, бидејќи контактирам само со неа, да има? Не е можно, почитувани судии. Или пораките имаат доказна вредност или немаат“, рече Јанакиески.
Во завршниот збор Јанакиески рече дека врз основа на пораките се правеле претпоставки, а за обвинителниот акт посочи дека се базира на фикции, лажен исказ и претпоставки за вина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

