Македонија
(Видео) Јанакиески: Службената белешка поради која ме притворија е фиктивна
Во скопска Апелација се одржа јавна седница по жалбата за притворот на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Пред тричлениот судски совет, Јанакиески во присуство на четворица адвокати, со треперлив глас рече дека решението за притвор содржи низа пропусти, а прекршени се членови на Законот за судови, Законот за кривична постапка и Законот за класифицирани информации, и повеќе членови на Европската конвенција за човекови права, а постапено е и спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права.
Јанакиески рече дека една година и 4 месеци редовно се јавувал во судот и воопшто нема констатација дека ги прекршил овие законски мерки. „Неспорен е фактот дека не сум отсуствувал од ниту едно закажано рочиште за да може да се смета дека ги одбегнувам или оневозможувам судските постапки. Посебно треба да се има предвид дека во повеќе од 15 работни дена секој месец сум присутен во судските згради на судски рочишта по повеќе часови“, рече Јанакиески.
Според него, содржината на решението за притвор во најголема мера е базирано врз база на, како што рече, фиктивна службена белешка од УБК на МВР, која е класифицирана. Тој рече дека Законот за класифицирани информации нема можност за споделување содржина на строго доверлив документ во судско решение. Кривичниот совет, според Јанакиески, можел само да го цитира деловодниот број на белешката во решението, со вакво постапување, го прекршил Законот за класифицирани информации.
Јанакиески смета дека со решението за притвор прекршен е и Законот за кривичната постапка. Тој рече дека судијата кој активно учествувал во главните расправи по предметот познат во јавноста како „Титаник“, истиот одлучил по предлогот на СЈО за притвор. Во истиот предмет, вели Јанакиески, судијата согласно закон не смеел да одлучува и морал да се иземе, но истото не е направено и прекршен е Законот за кривичната постапка.
„Со начинот на носењето на решението за притвор прекршен е и Законот за кривичната постапка. Имено, судија кој активно учествува во главните расправи по предметот познат во јавноста како ‘ТитаникТ, истиот одлучил по предлогот на СЈО за притвор. Во истиот предмет судијата согласно закон не смеел да одлучува и морал да се иземе, но истото не е направено и прекршен е Законот за кривичната постапка“, рече ексминистерот пред судиите.
За белешката од УБК, Јанакиески рече дека е фиктивна: „Не е наведено во кои денови, каде и во колку часот биле остварени средбите помеѓу мене и посредникот. Нема податок за датумот, времето и местото кога е остварена средбата помеѓу посредникот и претседателот, во решението не е презентирано дали СЈО или кривичниот совет направиле проверка со Кабинетот на претседателот Иванов дали таква средба воопшто била одржана, која била темата, но и нивото на доверливост на изворот, кога веќе белешката не е доставена во прилог на решението, па ниту јас, ниту мојата одбрана ја имаме на увид; Одбраната и јас немаме податок дали некој орган ги проверил безбедносните камери и дали добиле информација од припадниците на МВР кои го евидентираат секој посетител, со цел да потврдат дали имало средба со посредникот и претседателот Иванов“, рече Јанакиески.
Тој рече дека последната средба со Иванов ја остварил на 13 ноември во 16 часот со времетраење од 90 минути, кога покрај него присуствувале уште 2 лица. Едно од нив било претставник од претседателскиот кабинет, преку кого била организирана средбата. Темата на оваа средба воопшто не била амнестијата, туку Јанакиески го информирал Иванов за иницијатива поврзана со актуелната политичка состојба во Македонија.
Ексминистерот вели дека во белешката каде е наведено дека на посредникот му нагласил дека поседува банкарски сметки во странство, за тоа не е доставен ниту еден материјален доказ. „Се поставува прашањето како и покрај тоа што СЈО подолго време заедно со повеќе институции ја проверува мојата финансиска состојба, само во 1 ден поверува, само врз база на една белешка, дека јас поседувам сметки во странство. Исто така, не е наведено кога, во која земја и во кои банки се отворени овие сметки“, рече Јанакиески.
Тој рече дека испратил допис до СЈО и кривичниот совет каде ги информирал дека доколку достават докази дека поседува макар една сметка во странство и овој наод биде потврден од релевантни институции, спремен е итно да се спогоди за сите судски предмети кои ги води СЈО, па макар тоа би било и доживотна казна затвор.
„На ден 12 и 13 ноември 2018 година, по сознанието дека Никола Груевски е во бегство, владини функционери, но и претставници на СЈО, на гостување на повеќе телевизии или јавни изјави јавно говореа за можноста, но и потребата повеќе поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ да добијат притвор. Исто така, беа спомнати и конкретни имиња, помеѓу кои беше и моето име. По ваквите настапи и изјави, најпрво преку пораки, а потоа и телефонски остварив контакти со високи претставници на Владата на Република Македонија“, рече Јанакиески пред судиите во скопска Апелација.
„Во телефонските разговори укажав дека Миле Јанакиески и Никола Груевски не се иста личност и дека не треба да бидам казнет и жртвуван поради неговите постапки. Разговорите беа добронамерни, со размена на факти и аргументи, но исто така јасно и недвосмислено истакнав дека ниту сум планирал, ниту ќе се дадам во бегство. Истиот ден, за на 14.11.2018 година закажав гостување на една телевизија“, рече поранешниот министер за транспорт и врски.
На Јанакиески му беше определен притвор пред речиси две недели за предметот „Титаник“ во кој е обвинет за изборни измами.
Судницата беше полна со роднини на Јанакиески, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. На судското рочиште беше присутна неговата сопруга, а во судот дојдоа и ексминистерот Спиро Ристовски и поранешната заменичка на министерот за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

