Македонија
Јанева: Сметаа дека како провинцијалка не знам право и ќе дозволам да влијаат на моите одлуки
Поранешната специјална обвинителка и осуденичка во „Рекет“, Катица Јанева кажа дека трпела притисоци од политичките елити додека била на функцијата во СЈО. Таа посочи дека имала многу влијанија.
„ Јас сум Катица Јанева, единствен специјален јавен обвинител, единствена во Македонија, која од чисто заљубување во правдата самата се пријавив и доследно до последниот ден додека не ме разрешија. Јас сум единствен обвинител кој е веднаш разрешен и отпуштен од работа. Трпев многу влијанија од политичките партии за разни одлуки. Сметаа дека јас како провинцијалка која не познава право, ќе дозволам да влијаат на моите одлуки, па по четири години, ја извртеа работата и го конструираа овој небулозен предмет ‘Рекет’ и со моите драги колешки, за да бидам осудена на казна затвор. Не се срамам да го кажам тоа, бидејќи како и многу други важни личности во историјата, ќе бидам запаметена како специјален јавен обвинител кој не потклекна на никакви притисоци и се одважи да каже дека на правосудството и на Обвинителството и на правобранителството им требаат интегритет, пари и заштита при извршување на нивните работи. И да бидат достојни за својата функција која ја извршуваат. Само така ќе добиеме квалитетна правда, квалитетен суд, квалитетно Обвинителство и правобранителство. Многу ми е жал кога гледам како Ви е избледено знамето зад кое стоиме денес, тоа не треба да се случи во една модерна и просперитетна европска држава. Тоа јас го барав со стапување на функцијата. Барав луѓето кои остануваат покасно на работа да бидат вреднувани за нивните заложби, преданост, нивниот интерес за работа и за нивната визија и смисла во животот“, кажа Јанева.
Таа упати и апел до врховните судии, на кои им порача: „Се надевам дека колегите од Врховен се писмени, бидејќи во ‘Рекет’ нема никаков доказ за никакво незаконско мое постапување“.
„ За жал мене ми се вратија сите неправди, и тоа прво од политичарите, кои едвај чекаа да ме разрешат од функцијата и да ги земат четирите милиони од буџетот на СЈО и да ги искористат за пропагандни цели односно за избори. Бидејќи сум замолчена три години, сакам денеска да чуете. Политичките елити се врзани со економските елити кои јас не сум ги познавала. Како најопечен (најголем) криминалец, иако јас во сите четири години не дозволив ниту еден мој осомничен да биде приведен пред судот во лисици, јас бев врзана со лисици донесена пред судот, на денот на смртта на мојата мајка и да ми биде определен притвор бидејќи ќе сум побегнала, затоа што сум имала многу пријатели во странство. Бев на викенд од мојата казна, па не побегнав. И трето, да ја чујам пресудата, второстепено потврдена, на телевизија, на 21 јули и без никаков налог да бидам киднапирана од дома и донесена во КПУ Идризово, ако не е тоа наршување на човековите права, тогаш не знам што е“, додаде Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

