Македонија
Јаневска: Владата се залага за поквалитетен и инклузивен образовен систем
Министерката за образование и наука Весна Јаневска преку видео обраќање учествуваше на отворањето на Самитот на Фондацијата Маариф од Турција, на тема „Образование за фер и еднакво општество за одржлива иднина“, што по четврти пат се одржува во Истанбул.
Воведни говорници на настанот беа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, министерот за национално образование Јусуф Текин и претседателот на фондацијата Бирол Акгун.
Јаневска испрати порака дека новата Влада на Македонија нема никаква дилема дека образованието е столб на општеството и затоа го зголемува влогот во знаењето на граѓаните, во нивната креативност и иновативност со цел да му овозможи на секој поединец да го достигне својот полн потенцијал, посочувајќи дека секој личен успех е успех и на државата.
„Дел сум од релативно нова влада, која пред 5 месеци го започна мандатот со силна волја и енергија за промени кои ќе обезбедат квалитетен и инклузивен образовен систем. Тие промени веќе се случуваат. Работиме на поквалитетни наставни програми и учебници, на дигитализација, на мотивација на наставници, подобрување на инфраструктурата и оптимизација на училишната мрежа, како и воведување едносменска работа и продолжен престој за учениците исполнет со содржини кои ги интересираат. Секако, важен приоритет е и високото образование, како и усвојувањето на нова законска регулатива за повеќе и подобри можности за сите чинители на системот“, рече Јаневска.
Таа потенцираше дека голема грижа се води за опфатноста на образованието, односно овозможувањето еднаков пристап и фер шанса за секого да се надградува под исти услови како и сите останати.
„Диспаритетот во знаењата на различните општествени групи во мојата земја е евидентен и тоа се должи на повеќе фактори чие влијание се трудиме да го неутрализирамe. Разлики во знаењето има меѓу децата од различни региони во Македонија, меѓу ученици кои припаѓаат на различни етнички заедници, a разлики причинува и социјалниот статус на семејствата од каде потекнуваат децата“, рече министерката.
Истакна дека со процесот на оптимизација на училишната мрежа, ќе се елиминира првиот фактор. Дел од децата од руралните средини, ќе бидат преместувани во централни училишта каде поголема е социјализацијата, компетитивноста и каде училиштата се подобро организирани и опремени. За децата пак, од социјално ранливите семејства се обезбедуваат посебни права за финансиска поддршка и стимулација на едукацијата.
„Работиме на подигнување на свеста кај дел од населението за важноста на едукацијата и за поголема посветеност кон училиштето, а со нова и зајакната законска регулатива ќе спречуваме сегрегација, но и секаков вид дискриминација во образованието“, додаде Јаневска.
Изрази благодарност до сите меѓународни партнери за поддршката која државата ја добива во заложбите за подобар образовен систем, меѓу кои ги вброи и турската владина организација ТИКА, како и Маариф фондацијата. Повика преку заедништво и иновации да продолжи развојот на образованието, кое, како што рече, овозможува мир, толеранција, разбирање на различностите и движење на светот напред.
Самитот се одржува денес и утре, а на неколкуте панел дискусии во рамки на истиот ќе учествуваат претставници на 50тина држави од светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.
Македонија
Минчев – Рокас: Остануваме доследни во заложбата за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија, посветена на тековните реформски процеси во јавната администрација и нивното понатамошно усогласување со европските стандарди и принципи на добро управување.
Во рамки на разговорите беа разгледани повеќе системски закони од клучно значење за функционирањето на администрацијата: Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, со осврт на доставените мислења и препораки од СИГМА, Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и Законот за Влада.
На средбата беа разменети ставови околу потребата од јасна, предвидлива и долгорочно одржлива нормативна рамка што ќе обезбеди професионализација, стабилност и институционална одговорност.
Посебен акцент беше ставен на јакнењето на мерит-системот, транспарентноста и отчетноста во институциите, како и на значењето на експертската поддршка во процесот на креирање квалитетни законски решенија.
Министерот Минчев ја нагласи определбата за континуиран и конструктивен дијалог со Европската Унија во насока на продлабочување на реформите.
„Остануваме доследни во нашата заложба за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана и темелена врз јасни правила, стручност и одговорност. Поддршката и експертските ставови од Европската Унија претставуваат значаен чекор кон креирање решенија што ќе обезбедат долгорочна одржливост и зголемена доверба во институциите“ нагласи министерот Минчев.
Македонија
Шведско-македонската стопанска комора отвора канцеларија во Кисела Вода: нови можности за локалниот бизнис
Денес во просториите на Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со Самуил Наумовски Викиус, извршен директор на Шведско-македонската стопанска комора. Оваа стопанска комора, која официјално започна со функционирање во октомври 2025 год., наскоро ќе ја отвори својата канцеларија во населбата Црниче, токму на територијата на општина Кисела Вода, информираат од таму.
„Зад комората стојат 35 етаблирани шведски компании кои имаат јасна визија и желба да бидат економски мост помеѓу Шведска и Македонија. Токму овој економски мост е клучниот столб околу кој ќе се развива идната соработка со домашната бизнис заедница. Оваа средба претставува прв чекор кон реализација на заедничките цели за поддршка на стопанството и отворање нови пазари за локалните компании.
Ваквите активности се во директна корелација со програмата на градоначалничката Стаменкоска Трајкоска во делот за Локална стратегија за економски силна општина. Преку проекти за унапредување на локалната бизнис клима, Општината активно работи на подобрување на инфраструктурата, модернизација на административните услуги и директна поддршка на малите и средни претпријатија“, стои во соопштението.
Целта, како што е појаснето, е да се унапредат условите за поефикасно водење бизнис, зголемена конкурентност и привлекување на нови инвестиции, кои ќе резултираат со нови работни места и одржлива локална економија.
-Оваа иницијална средба го потврдува нашиот фокус кон економскиот развој и градењето стабилни партнерства. Фактот што Шведско-македонската стопанска комора ја отвора својата канцеларија токму кај нас, во Кисела Вода, потврдува дека како општина создаваме услови кои се препознаени од меѓународната бизнис заедница. Нашата намера е да бидеме активна поддршка на овој економски мост што се гради меѓу шведските компании и македонското стопанство. Преку мерките за модернизација и поддршка на малите и средни претпријатија кои се дел од нашата стратегија, обезбедуваме основа за нови инвестиции и долгорочен економски раст. Кисела Вода продолжува да се позиционира како општина која активно ги поддржува деловните иницијативи и гради стабилна основа за просперитет на сите граѓани-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

