Македонија
Јаневска до ДУИ: Конечно да почнат да си ја почитуваат државата, не дозволувам политички партии да печалат поени преку игри во образованието
Не дозволувам политички партии да печалат поени и да враќаат рејтинзи преку игри во образованието и на штета на воспитно – образовниот процес, порача министеката за образование и наука Весна Јаневска, преку социјалните мрежи.
„Законот за средно образование кој го предложивме во Собранието и предвидуваше повеќе нови права и можности за наставниците, стручните соработници, учениците и родителите, вклучително и изборна можност за интонирање на македонската химна во училиштата, ќе почека некоја недела за усвојување. Во меѓувреме ќе ја подобриме неговата содржина. Денеска го повлеков од дневниот ред, за да не дозволам ДУИ да го закочи усвојувањето на целата нова правна регулатива во образованието, на која заедно со бројни општествени чинители, макотрпно работевме во изминатите неколку месеци. Користејќи националистички реторики, обвинуваат за создавање наводно некаква си меѓуетничка нерамноправност. Убаво ќе беше да си ја сакаат татковината, државата каде се образуваат, работат и земаат плата и да изразат почит кон нејзините симболи. Но, гледаме нешто друго. Заради остварување на партиски цели и програми, спремни се да го спречат развојот, јакнењето на основниот столб на државата – образованието“, вели Јаневска.
Со вакви потези, како што оценува таа, несвесно, го уназадуваат и воспитно – образовниот процес на сите деца, независно на која етничка заедница припаѓаат.
„Но, очигледно тоа и не е така важно. На пратениците од ДУИ сакам да им порачам дека Владата ќе продолжи да ги спроведува промените кои народот ги побара, тоа е сигурно. Но, им порачувам и конечно да почнат да си ја почитуваат државата, да покажат волја за соживот, за соработка, разбирање и единство. По не знам кој пат ќе повторам, живееме во една заедничка држава, сите треба да ја чувствуваме како своја и заедно да се грижиме за нејзиниот развој. Во меѓувреме, како министерка ќе продолжам да се заложувам за јакнење на меѓуетничките односи особено меѓу младите генерации во Македонија и на целосна интеграција на ова општество. За следната година веќе предвидовме повеќе средства за училишни активности кои ќе ги зближуваат младите од различните етнички генерации“, напиша Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

