Македонија
Јаневска за полагањето државна матура: Фатен препишувач, си го стопира времето за цела една година
Петнаесет илјади матуранти денес полагаа испит по мајчин јазик, првиот од двата екстерни испити од државната матура. Дел од учениците во своите училишта, дел пак во амфитеатрите на најблиските факултети каде има соодветни услови за спроведување на процесот.
Пред почетокот на полагањето, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска го посетија Земјоделскиот факултет во Скопје, каде полагаат средношколците од СУГС „Марија Кири Склодовска“. Посакувајќи им успех на сите матуранти, изразија очекувања дека годинава резултатите од матурата ќе бидат пообјективни од ланските.
„Подолго време траеја подготовките. Се разговараше со училишните раководства, набљудувачите и тестаторите и верувам дека ќе се заложат да не се случуваат ситуации како во минатото, кога цели групи ученици препишуваа, имаа идентични точни и неточни одговори, идентични есеи и така натаму. Потсетувам дека регулативата е затегната, особено за оние кои ќе биде утврдено дека прогледуваат низ прсти, нема да видат мобилен телефон во училницата, нема да забележат ливчиња, внесени учебници и така натаму. Верувам никој не сака негативни последици“, рече Јаневска.
Според министерката нема потреба учениците да се обидуваат да се надмудруваат со системот. Матура се полага само со повторување на материјалот што веќе го совладале во четиригодишното образование.
„Со малку труд се заокружува овој последен чин од средното образование. Фатен препишувач, си го стопира времето за цела една година, да не може да полага и да ја добие дипломата од која му зависи понатамошна едукација или вработување“, потенцираше министерката.
Директорката на Државниот испитен центар, Михајловска информираше дека од вкупниот број пријавени матуранти, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование. Вториот екстерен предмет кој е изборен во зависност од видот на средното образование на ученикот, се полага на 11 јуни. Новиот концепт на државна матура кој е предвиден со неодамна усвоените измени на Законот за средно образование, ќе се примени следната учебна година. Истиот предвидува полагање на посебна државна матура за стручно, за гимназиско и за уметничко образование.

Оваа година, како што рече Михајловска, за државната матура ангажирани се над 2000 набљудувачи и 200 тестатори.
Резултатите ќе бидат објавени најдоцна еден месец по полагањето на вториот екстерен испит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

