Македонија
Јаневска: Исправивме голема неправда, во првото полугодие 30-ина деца на подолготрајно лекување редовно следеа настава
Учениците кои отсуствуваат од настава подолго од три недели, затоа што се на болничко лекување, можат да го продолжат образованието преку онлајн вклучување во наставата во реално време во својот клас, да ги користат доставените материјали и задачи од наставникот или пак, наставникот да организира индивидуална настава во зависност од состојбата на ученикот, по прилагодена наставна програма на таквата состојба и за тоа да се користат постојни дигитални алатки. За новото системско решение, кое стартуваше од почетокот на оваа учебна година, на денешната панел-дискусија говореа министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и Милка Тримчевска – директорка на Бирото за развој на образованието, Марија Вук – претседателка на НВО „САНО“ и Маја Георгиева-Павловски, психотерапевт, семеен и системски советник.
„Исправивме една голема неправда од минатото и спречуваме еден облик на дискриминација да се провлекува во иднината. За да може да се реализира наставата, спроведовме обуки за над 160 наставници во 83 училишта. Подготвивме и прирачник за наставници со јасни инструкции како да ги вклучуваат децата во настава, преку која форма, како да водат педагошка евиденција, да го проверуваат знаењето на учениците.
„Според сите информации кои ги добивам од училиштата, од наставниците, родителите и здружението САНО, ова решение одлично функционира“, посочи Јаневска.
Изминатите четири месеци, на ваков начин триесетина деца биле вклучени во настава. Министерката рече дека реакциите на учениците, родителите и наставниците укажуваат дека ова решение, кое ја подигнува инклузивноста на нашиот образовен систем, е одржливо.
„Секогаш ќе има деца кои ќе се соочуваат со здравствени предизвици и ниту едно не смее да биде изолирано од настава. Затоа е важно да бидат информирани за можноста, а наставниците се тие што треба први да ги запознаат дека физичкото отсуство од училница не значи и застој во образованието. Изготвивме и брошура наменета и за ученици и за родители за да се запознаат со оваа можност“, укажа Јаневска, додавајќи дека новото решение може да функционира затоа што е резултат на заедничка заложба на невладиниот сектор, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука и Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

