Македонија
Јаневска: И со новиот закон, бесплатни учебници на 5 јазици

Новиот Закон за учебници во основно и средно образование ја уредува подготовката, изборот, одобрувањето, издавањето и повлекувањето од употреба на учебниците за основните и средните училишта, со него ќе добиеме подобар квалитет на учебниците а тие и понатаму остануваат бесплатни. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање рече дека со новиот модел, учебниците се даваат на издавачките куќи, но, на почетокот, ќе функционираат и двата модели за изготвување учебници, бидејќи постапките кои се почнати, мора да се завршат по стариот закон.
„На средба со издавачките куќи, веќе ги информиравме дека пресметката на вредноста на учебниците ќе оди по формула и тие се согласни, што значи дека максималната цена на учебникот ќе биде ограничена. На цената, се разбира, влијае тиражот, преводите и други елементи. Ние сме единствена земја која прави бесплатни учебници на 5 јазици, но ќе продолжиме да го правиме тоа и понатаму, само нашите деца да стекнат повеќе знаења, компетенции и вештини“, изјави министерката Јаневска.
Експертите со кои се консултираше министерството, Педагошката служба и комисијата која работеше на законот, сите се убедени дека со новиот модел ќе се избегнат грешките и ќе добиеме поквалитетни учебници, што заедно со новите програми кои ги креира Бирото за развој на образованието, ќе придонесе за подобрување на воспитно-образовниот процес, објасни Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Борче Стамов и д-р Ирфан Ахмети ќе ја примат државната награда „Мајка Тереза“

Борче Стамов од „Донирај компјутери“ и доц. д-р Ирфан Ахмети од Универзитетската клиника за ендокринологија, денеска во Собранието ќе ја примат државната награда „Мајка Тереза“.
„На 26 август 2025 година (вторник), во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ ќе ја додели државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери“, соопштија од Собранието.
Македонија
Без струја делови од Центар и Карпош

Без струја денеска ќе останат делови од Центар и Карпош, извести Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје.
Поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа на ден 26.08.2025 година (вторник), без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците на бул. Партизански Одреди бр. 15, односно стамбените објекти околу објектот – Луна Бизнис Центар. (Општина Центар )
· од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул. Козле крак -22. (Општина Карпош)
Македонија
Патот Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за сообраќај

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје сѐ уште е затворен за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини поради летните одмори е зголемен меѓутоа на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.