Македонија
Јаневска: Новата Стратегија за образование ќе обезбеди континуитет на започнатите ефективни промени во ресорот
Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од било која цена и затоа Владата на Македонија останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што друга алтернатива за нас не постои. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на работилницата што Министерството за образование и наука ја организираше со повеќе други институции и партнерски домашни и меѓународни организации со кои ја изработува новата Стратегија за образование 2026-2032.
Започнавме реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен. Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Но, веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати, а за целосна ефективност мора да постои континуитет. Тој континуитет ќе биде обезбеден со новата Стратегија за образование“, рече Јаневска.
Изрази благодарност до сите што учествуваат во изработката на стратешкиот документ и рече дека до крајот на месецот има можност некој аспект да биде надополнет или подобрен со идеја што, како што рече, ќе дојде од некој што досега не бил дел од процесот на изработка.
„Стратегијата треба да ја подигне инклузивноста, дигиталната и медиумската писменост, грижата за менталното и физичкото здравје на младите, да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни стандарди. По усвојувањето следува потешкиот дел – имплементација и мерење на постигнувањата. Затоа, енергијата што досега ја имавме треба да ја задржиме на исто ниво, а Владата ќе се погрижи да ги обезбеди сите потребни ресурси за спроведување на предвидените мерки, проекти и активности“, рече Јаневска.
На денешната работилница за изработка на Стратегијата за образование 2026-2032 учествуваа и претставници на УНИЦЕФ, УНДП; Светската банка, ГИЗ, академската и научна фела, како и претставници на бизнис заедницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

