Македонија
Јаневска: Нови 28 училишни спортски сали ќе бидат изградени во следните три години
Министерството за образование и наука во следните три години ќе изгради нови 28 училишни спортски сали во Македонија, во различни општини. Согласно планот, се предвидува активностите да започнат во 2025 година и до крај на 2027 да ги завршиме сите објекти, за што, според пресметките ќе биде потребен буџет од околу 560 милиони денари.
Ова денеска го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска за време на увидот во градежните активности за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во с. Булачани, каде беше заедно со градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Кога се работи за најмладите, ставот на Владата е јасен, поддршката е безрезервна и се водиме по нивните најдобри интереси. Затоа што само така можеме да им создаваме подобри услови за образование и живеење во Македонија, посилно чувство на припадност во општеството и мотив да останат и понатаму да помогнат во развојот на државата“, рече Јаневска, додавајќи дека мора сериозно да се работи на сите полиња, за да се стопира процесот на иселување на младите.
„Податоците се поразителни. Во месец мај во училиштата се запишале 17.200 првачиња, или за 500тини помалку од лани. Државата не може да има иднина, ако овој тренд продолжи. Ќе се потрудиме да ги промениме состојбите, да ги задржиме нашите граѓани да останат тука и да бидат задоволни од условите за образование, за работа и живеење“, рече министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.
Македонија
Новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците, децата од центарот за рехабилитација
Традиционално и годинавабеа доделени новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците- децата од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација-Битола.
Дедо Мраз предизвика радост кај децата, а од името на Општина Битола празниците им ги честиташе секретарот на општината Борче Димитровски.
Во овој Центар кој работи со деца со посебни потреби денеска беше предновогодишно весело.
Македонија
Втора вечер од „Новогодишна приказна“ во Кисела Вода: Либеро Бенд, Антониа Гиговска и Оле Поцкова во парк Шопен
По успешниот старт на „Новогодишната приказна“, која вчера ја исполни oпштина Кисела Вода со енергија и убаво расположение, вечерва во паркот „Шопен“ продолжува програмата наменета за сите генерации и вкусови, соопштија од општината.
Настанот е отворен за сите граѓани, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во празничниот амбиент со новогодишни куќарки, украси и содржини наменети за целото семејство.
Втората вечер започнува во 19 часот и ќе ја отвори Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама. Потоа сцената, после 20 часот ќе им припадне на Либеро Бенд, а вечерта ќе ја заокружи настапот на Антониа Гиговска. Водител на настанот е Миро Кацаров. Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да се приклучат на втората вечер од „Новогодишната приказна“ и да уживаат во празничниот амбиент со своите најблиски.

