Македонија
Јаневска: Образованието за медиумска писменост е моќен сојузник во борбата против лажните вести и дезинформациите
Медиумска писменост е моќен сојузник во борбата против лажните вести и дезинформациите. Тие се особено честа појава на глобалниот интернет-простор, каде што со примена на вештачката интелигенција се креираат сè пософистицирани содржини и важно е граѓаните да поседуваат вештини за нивно препознавање за разликување факти од фикција, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето на националната конференција „Медиумската писменост во образованието“.
„Со образованието за медиумска писменост учениците стекнуваат вештини критички да ги анализираат содржините што ги добиваат од разни извори, да ги разбираат соодветно на контекстот, да ги поврзуваат со други информации и да бидат во состојба да го проценат нивниот квалитет и како резултат на тоа самостојно да носат одлуки и судови базирани на факти“, нагласи Јаневска.
Медиумската писменост во наставните програми од основното образование е вклучена на разчни начини.
„Медиумската писменост се изучува како посебна тема во наставната програма по мајчин јазик – македонски, албански, турски, српски и босански. Другиот начин е интегрирање на медиумската писменост со другите теми и подрачја, со цел да им се овозможи на учениците да ги поврзат знаењата од разните области во една целина. Таа може да се користи како алатка за реализација на одделни активности во речиси сите наставни предмети во разни одделенија. Исто така, одделни аспекти од медиумската писменост може продлабочено да се изучуваат преку слободните изборни предмети од четврто до деветто одделение“, посочи Јаневска додавајќи дека преку соодветни обуки е предвидено и јакнење на компетенциите на наставниците.
Денешната национална конференција е организирана во рамките на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери – Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар, универзитетите и младинските клубови.
Јаневска им изрази благодарност на сите организации, институции и поединци што како дел од проектот им овозможуваат на децата и младите медиумски да се описменат, со што придонесуваат кон градење отпорно граѓанско општество со демократски потенцијал.
Изрази уверување дека презентацијата на резултатите од досегашната имплементација на медиумската писменост од прво до деветто одделение и најавените чекори за нејзино воведување во средното образование ќе значат натамошно подобрување на нашиот образовен систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

