Македонија
Јаневска: Секоја успешна образовна приказна започнува со наставник кој верува во ученикот
На денешната панел-дискусија во Прилеп, дел од кампањата „Магијата е во знаењето“, од различни перспективи се зборуваше за суштината на наставничката професија и за тоа што навистина значи да се биде добар учител.
Наставник што верува во секое дете, што станува глас на охрабрување, водич низ секојдневието и сојузник во учењето, токму такви примери беа во фокусот на денешната панел – дискусија што се одржа во Прилеп, во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“, која ја спроведува Министерството за образование и наука.
Панел-дискусијата со наслов „Добриот наставник прво е пријател, па потоа учител – Магијата на ‘Добро утро, деца’“ собра наставници, стручни лица, родители и претставници на академската заедница, кои од различни перспективи зборуваа за суштината на наставничката професија и за тоа што навистина значи да се биде добар учител.
Во своето обраќање, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, ја нагласи исклучителната улога на наставниците не само како пренесувачи на знаење, туку и како личности што со својата посветеност, емпатија и личен пример оставаат неизбришлива трага во животите на младите.
„Секоја успешна образовна приказна започнува со наставник кој верува во ученикот. Кога едно дете ќе почувствува дека некој со внимание го гледа, го слуша и верува во неговиот потенцијал, тогаш се случува вистинска промена. Нашата мисија е да го зајакнеме системот кој ги препознава и цени наставниците, а преку оваа кампања, сакаме не само да ја потврдиме нивната важност, туку и да го вратиме достоинството на професијата што ја гради иднината“, истакна Јаневска.
Министерката потенцираше дека со потпишувањето на спогодбата со СОНК, Владата обезбеди гаранција за континуиран годишен раст на платите на наставниците, кој ќе биде реален и ќе зависи од степенот на инфлација. Додаде и дека овозможен е кариерен развој на наставниците и стручните соработници преку повиците за напредување во звања ментор и советник не само во основните, туку за прв пат годинава и во средните училишта.
Проф. д-р Данче Сивакова Нешковски, декан на Педагошкиот факултет во Битола, рече дека добриот наставник е оној кој пред сѐ умее да слуша, да разбере и да создаде врска со секое дете, а дури потоа да предава.
Наставниците и стручните лица од основните и средните училишта во Прилеп говореа за секојдневните предизвици во работата, но и за моментите кои им се показател дека нивниот труд прави разлика. Родителите истакнаа дека вистинскиот наставник е оној што детето го гледа како сојузник, а училиштето како средина што го поддржува и инспирира детето.
Денешната панел-дискусија е дел од националната кампања „Магијата е во знаењето“, во чии рамки се реализираат низа активности, од јавни настани и тематски собири, до едукативни видеа, интерактивни работилници и вклучување на широк круг чинители од образовниот и општествениот живот.
Преку овие активности, се настојува да се создаде поширока општествена поддршка и разбирање за значењето на наставничката улога. Фокусот е ставен на тоа наставниците да добијат поголема видливост, почит и поддршка, како луѓе кои секојдневно вложуваат знаење, труд и посветеност во воспитувањето и образованието на новите генерации и кои претставуваат двигатели на напредокот на секое општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

