Македонија
Јаневска: Ученици не одат на настава поради пост, а финансиска помош не е исплатена од декември
Финансиската помош за учениците од основно образование е исплатена за декември, денес е 13 март, а за средношколците не е исплатена ниту за декември, изјави Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.
Јаневска вели дека студентите бараат навремени исплати на стипендиите, дигитализација на универзитетите и лифтовите да функционираат.
„Во Тетово токму сега им текнало текстилното училиште од ‘Гоце Стојчевски’ да го преименуваат во ‘Кард Гега’. Одредени училишта со одредени директори токму сега одлучија да ги одведат учениците во посета на претседателот Пендаровски иако имаат можност да ги одведат и во Собранието. Злоупотреба? Одлучете сами. Наставници реагираат дека ученици не одат на настава поради рамазанските пости. Во секуларна држава ученици не одат на настава поради верски обврски? Министре, претпоследни се на ПИСА, сакате да бидат последни? Родители се жалат дека учениците со попреченост и посебни образовни потреби се занемарени и дискриминирани во регуларните паралелки. Ниту се интегрирани во одделението, ниту поедини наставници им обрнуваат внимание. Ги обучивте наставниците, колку пари потрошивте?“, вели Јаневска.
Додава дека регионалниот центар за средно стручно образование во Куманово 4 години спроведува онлајн настава. На пример фармацевт годинава завршува средно стручно образование во Регионален центар за средно стручно образование кој нема клупи, столчиња и табли, а не пак лаборатории.
Едно училиште од Куманово, како што реле Јаневска, дозволило 6 дневна екскурзија на наставничките по повод 8 Март. Шест дена децата губат настава, а родителите реагираат.
„Се прашувам по кој закон и кој дозволил вакво нешто. На 8 Март во 12 часот јас лично ги видов вработените од МОН како со куферчиња и патни торби чекаат автобус да ги носи на прослава. Го прашувам министерот Шаќири кој ја плати екскурзијата во Струга и дали со тие средства, дури и да биле спонзорство не можеше да докупи барем уште една смарт табла, а според бројот на дамите кои ги видов пред МОН можел да купи многу повеќе од една. По сè, министре Шаќири, Ве прашувам дали е вистина дека висок службеник во МОН (патем кадар на СДСМ) ги повикува вработените и ги прашува за кого ќе гласаат. Ако е вистина, што презедовте во врска со тоа?“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.

