Македонија
Јаневска: Фокусирани сме на развој на вештините што им се потребни на младите за успешен настап на пазарот на труд
Образованието е заедничка општествена одговорност. Министерството за образование и наука не може самостојно да креира ефективни и долгорочни образовни политики доколку тие не произлегуваат од реалните потреби и предизвици што ги посочуваат општествените чинители. Во таа смисла, особено значајна е улогата на бизнис заедницата, која најдобро ги согледува динамичните барања на пазарот на трудот и потребата од практично применливи знаења и вештини.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на денешната конференција на тема „Градење иднина – практични вештини за новата генерација“, што ја организираше Стопанската комора на Македонија заедно со амбасадата на Швајцарија, во рамки на проектот „Образование за вработување во Македонија“.
„МОН има воспоставено исклучително конструктивен и отворен дијалог со Стопанската комора на Македонија и со Амбасадата на Швајцарија, која континуирано низ годините наназад е наш силен поддржувач за градење современ, квалитетен и инклузивен образовен систем. Заедно сме насочени кон развивање на квалитетни практични вештини кај младите генерации, а моделот на дуално образование се покажа како најдобар механизам преку кој ја остваруваме оваа цел. Денес, околу 700 компании активно се вклучени во обезбедувањето практична настава за учениците и ќе посочам дека всушност – стручното образование е силната страна на нашиот образовен систем“, рече Јаневска.
Министерката информираше дека над 70% од учениците од последните две генерации кои се запишуваат во средно образование, одбираат да учат во средни стручни училишта и во седумте регионални центри за стручно образование и обука, каде добро се подготвуваат за брз и успешен настап на пазарот на труд, но и стекнуваат квалитетна основа за понатамошна академска надградба.
„Немам дилема дека ќе успееме образовниот систем целосно да го синхронизираме со потребите на младите, на економијата и на целото општество. Но, свесни сме дека тоа бара време. И затоа, барам поддршката од бизнис заедницата и нашите меѓународни партнери да продолжи. Да ја одржиме соработката и понатаму да нудиме заеднички одржливи политики и решенија во образованието“, додаде Јаневска.
На конференцијата се обратија и заменик амбасадорката на Швајцарија, Михал Харари и извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев, по што следуваа повеќе панел дискусии поврзани со подготовката на младите за вклучување во бизнис секторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

