Македонија
Јанев: Мапирани се црните точки низ државата, нѝ требаат системски решенија за безбедноста во сообраќајот
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека се направени детални анализи на сообраќајната ситуација во државата, при што биле мапирани критичните точки со најголем ризик за сообраќајни несреќи.
„Проблемот со сообраќајот е согледан и анализиран. Мапирани се критичните точки низ целата држава, не само во Скопје. Започнуваме со системски пристап за зголемување на безбедноста, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и сите релевантни чинители“, истакна Јанев.
Тој кажа дека прекршувањето на сообраќајните правила може да има фатални последици и повика на поголема свест кај граѓаните.
„Не може ако знакот е 60, некој да вози 100. Ако е 100, да вози 200. Работиме на законски измени, со кои мерките ќе бидат порестриктивни, а казните повисоки. Но најважно е да ја промениме свеста – доколку не го почитуваме ограничувањето и возиме со несоодветна брзина, ние стануваме потенцијални убијци на патот“, предупреди Јанев.
Дополнително, директорот изрази загриженост за учеството на малолетници во сообраќајот и апелираше до родителите да не дозволуваат нивните деца да управуваат возила без соодветни дозволи.
„Како родител и како предводник на институција, сметам дека мора да ја подигнеме нашата лична свест. Не треба да им овозможуваме на малолетници пристап до моторцикли и други возила без возачка дозвола. Тоа претставува огромен ризик за нивниот живот и за безбедноста во сообраќајот“, додаде Јанев и најави дека ќе следуваат системски мерки за подобрување на безбедноста, со фокус на технологијата и елиминација на човечкиот фактор во одредени сегменти, со цел поголема ефикасност во контрола на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

