Македонија
Јанкуловски реизбран за претседател на ПОДЕМ
Живко Јанкуловски едногласно беше реизбран за претседател на Партијата на Обединети Демократи на Македонија – ПОДЕМ, на четвртиот Конгрес во Битола.
На конгресот присуствуваа 386 делегати од сите Општински организации на ПОДЕМ. Избрани беа и 53 членови на Централниот Одбор и 7 членови на Надзорниот Одбор.
Во своето обраќање Јанкулоски истакна: „Идејата за постоење на ПОДЕМ подразбира најпрво стабилна партиска инфраструктура во 53 општини во Македонија, со над 18.000 членови, со формирани и активни Организации на жени и млади со над 12.000 членови, со одржани конференции на млади и жени со 500, односно 300 делегати, значајни изборни резултати од еден до друг изборен циклус, со раст на довербата на граѓаните, што видливо се отчитува преку приклучувањето нови членови кои ја препознаа визијата и мисијата за подем на Македонија. Досега се одржани 3 конгреси и две конференции”.
Понатаму претседатедлот на ПОДЕМ рече дека стратешката визија на ПОДЕМ за економски и политички стабилна, интегрирана и почитувана Македонија е реална и остварлива. И токму во насока на остварување на целите кои ја сочинуваат стратешката визија е и реализацијата на проектите од Програмата на ПОДЕМ, кои вклучуваат имплементација на европските стандарди во областа на земјоделството, економијата, социјалната политика, здравството, образованието, локалната самоуправа, меѓународните односи, културата, спортот и сите други области на општествено-политичко живеење и работење”.
На конгресот присуствуваше Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола, а присутни беа и делегации од ВМРО ДПМНЕ, СПМ, ДСР, НЛП, Македонска ера трета, ДПТ. Пред делегатите свое обраќање имаше и Тимчо Муцунски – потпретседател на коалициската ВМРО ДПМНЕ, кој во своето обраќање истакна “ПОДЕМ предводена од проф. д-р Живко Јанкуловски ќе биде дел од нашата победничка коалиција која ќе ја смени перцепцијата за политиката во Македонија. Време е за брзи промени кои ќе ни дадат надеж дека нашето знаење, труд и инвентивност можат да бидат употребени за создавање на поубаво утре, иднина за младите генерации и за сите оние кои сакаат да ја напуштат државата како резултат на политиките кои создадоа бесперспективност. Позитивните промени се неизбежни, а ВМРО-ДПМНЕ ќе биде предводник на коалицијата која ќе докаже дека Македонија може да функционира како и секоја друга развиена, прогресивна и просперитетна држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

