Македонија
(Видео) Јанкулоска за „Монструм“: Имаше многу шпекулации дека е криминална пресметка, но и дека се работи за имотен спор
Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, пред судот, на рочиштето за „Монструм“, рече дека во првите моменти по убиството на момчињата и рибарот кај Смилковското Езеро имало многу шпекулации што стигале до МВР и во првите моменти немало осомничени.
Обвинителката Фатиме Фетаи во судницата цитира делови од разговори меѓу Јанкулоска и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, но и разговор меѓу ексминистерката и министер за МВР во Косово.
„Не можам да кажам дека некој во првите моменти беше посочуван за осомничен. Но, имаше многу тези, разговори, информации, па дури и шпекулации, што од разни страни, што од вработени, но и од поединци, доаѓаа до оперативниот штаб. Се шпекулира и кои би можеле да бидат можни сторители, но далеку од тоа дека во тие најпрви моменти имаше информација врз основа на која може да се профилира осомничено лице. На почетокот стигаа разни непроверени информации, па се наоѓавме во ситуација во која не можевме да ја најдеме почетната точка. Имаше информација дека наводно се работи за пресметка меѓу криминални структури, која не беше релевантна според профилот на жртвите, дека можеби се работи за имотен спор, некаков тип одмаза. Секакви информации стигаа. Сите беа проверувани“, рече Јанкулоска.
„Не би можела да тврдам за други, ама до мене не стигнале такви информации“, рече Јанкулоска на прашање од Фетаи дали имало информација дека може да се случи настан од таква природа.
Дел од прислушуваните разговори е и записот меѓу Јанкулоска и Мијалков на 29.1.2013 година, рече обвинителката Фатиме Фетаи, каде што тој ја известил дека има добра анализа за „Монструм“ и ја поканил министерката да присуствува. Фетаи ја праша Јанкулоска да каже што било презентирано и кој бил присутен, а таа рече дека во тој период многу често се среќавале и разменувале информации.
„Беа правени анализи и кажуваа можни теории за настанот. На таква презентација не можам да се сетам дека сум присуствувала. Не исклучувам дека имало, но не можам да се сетам, бидејќи велите дека била по една година“, рече Јанкулоска, а Фетаи се надоврза: „Можеби сега ќе се сетите. Дали сте присуствувале на презентација каде што била присутна меѓународната заедница?“
На тоа Јанкулоска одговори: „Имало повеќе презентации, на некои од нив и јас сум ги презентирала информациите. За овој настан беа сите заинтересирани, а не па меѓународната заедница. Јас сум држела состаноци за статусот на дејствата што МВР ги преземало, нашите сознанија. Како официјална презентација што УБК ја правела, не можам да се сетам. Од нив имам барано информација“.
„Има разговор со тогашниот министер за МВР на Косово, каде што разговарате дека биле фатени двајца и се утврдува идентитетот“, рече Фетаи за тоа што се слуша го бомбите, а Јанкулоска одговори: „Јас имав серија контакти по однос на ова прашање. Имавме разговор со ваква содржина како што цитиравте. Ако не се лажам, нашите разговори во тоа време се однесуваа на лицата што не беа достапни во Македонија. Можеби ќе ги згрешам имињата, но беше за првите двајца обвинети. Требаше формално да се почне процедурата во која Македонија ќе побара испорачување на лицата за да се води постапката“.
Јанкулоска беше запрашана дали имало политички калкулации за датумот на екстрација. Фетаи рече дека во еден од разговорите меѓу ексминистрката и поранешниот министер за правда, Блерим Беџети, на неколку дена пред одржување на изборите го 2014 година, може да се стекне таков впечаток.
„Не, бе, не ја знаеш. Калкулирате со изборите, битно е да се прати предметот, па потоа, по изборите…“, рекла Јанкулоска во разговорите, а Беџети и одговорил: „Јас и со Саше се видов, отворено ти кажувам, не се калкулира…“ Ова е цитатот што Фетаи го презентира во судницата, која додаде дека Блерим Беџети ја фалел Јанкулоска дека добро ја спакувала информацијата оти бргу ќе се екстрадираат лицата од Косово.
„Ова е само еден разговор, затоа може да се добие поинаков впечаток од контекстот на разговорот. Но, гарантирам дека сè што можело да се направи за брза и ефикасна реакција е направено. Без разлика како впечаток кога се гледа еден сегмент од разговор во однос на одредена тема, фактите се поинакви“, рече Јанкулоска негирајќи дека политички се калкулирало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

