Македонија
Јанушев: Заеви ја шират бизнис-империјата како канцер во македонската економија
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција презентираше, како што рече, нов скандал со којшто Зоран Заев им овозможува богатење на своите фирми.
„Веќе е познато дека фирмата ‘Тотал инжинеринг’ во сопственост на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, прави бизнис тежок 4,5 милиони евра по принципот купи-продај земјиште во Струмичката касарна на кое сега градат згради“, рече Јанушев, кој додаде дека истата оваа фирма сега добила уште еден вносен бизнис од државата.
Како што истакна генералниот секретар на опозициската партија, фирмата „Тотал инжинеринг“ во сопственост на Вице Заев пред само две недели, или поточно на 24 април, добила концесија за експлотација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево.
„Оваа концесија ја добива од Владата на Зоран Заев. Значи повторно Заев му дава бизнис на Заев и на тој начин ја шират бизнис-империјата како канцер во македонската економија. За да не биде до толку очигледно во јавноста, одлуката со која избира фирмата во име на владата ја потпишува Оливер Спасовски како потпретседател. За оваа точка, ниту владата информираше, ниту ја објави во јавност“, рече Јанушев.
Тој информираше дека одлуката на Владата била донесена на 24 април годинава, а на 2 мај била објавена на страница 29 во Службен весник на Република Македонија бр.78.
„За да скандалот биде уште поголем Зоран Заев повторно е фатен во лага. Имено, кога фирмата на неговиот брат Вице Заев, ‘Тотал инжинеринг’ се доведе во корелација со скандалот каде што има сомнеж за превоз на јаглен во РЕК Битола, тогаш Заев изјави дека камионите и механизацијата која припаѓа на истата таа фирма донеле одлука да ја продадат. Истиот ден кога го кажа ова, во Службен весник е објавено дека фирмата ‘Тотал инженеринг’ добила концесија за ископ на глина“, вели Јанушев.
На крајот тој праша уште колку бизниси добиваат Заеви во исто време, додека Зоран Заев е премиер на Република Македонија и дали обвинителството не гледа во ова сомнеж за криминал и злоупотреба на службената позиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

