Македонија
(Видео) Јанушев: Заев да им се извини на семејствата, бараме ново обвинителство
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на прес-конференција рече дека ВМРО-ДПМНЕ говорот на Заев го смета како понуда за амнестија.
„За да има амнестија, треба сите да бидат виновни, a никој не е виновен додека не се докаже спротивното. Да претпоставуваме, без ниедна од инстуциите да излезе со реакција, значи дека тие се продолжена рака на Заев“, рече Јанушев.
Во врска со гласањето за уставните измени во Собранието, Јанушев посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е во координација со сите пратеници, а ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат уште по завршувањето на референдумот.
Запрашан дали ја отфрлаат понудата на Заев за амнестија на пратениците во замена за тоа да гласаат за уставните измени, тој рече дека станува збор за правда, а не за амнестија и уште еднаш повтори дека се работи за монтиран и политички фабрикуван случај.
Тој побара од Заев да им се извини на семејствата кои, како што рече, се под политички прогон режиран од Заев и власта. Јанушев порача дека е потребна нова обвинителска институција што ќе ги истражи сите случаи каде што има сомнеж за нарушување на законот.
Премиерот Зоран Заев претходно, денеска, од собраниската говорница повика на помирување за настаните од 27 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.
Македонија
Приведени две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“
Приведени се две лица од раководството на Комунална хигиена, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Како што додаваат од таму, лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од обвинителството.
Дел од медиумите пренесоа дека е приведен директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми кој е кадар на ДУИ.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот Јовица Андовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде што беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“ во рамките на заеднички проект со болницата.
„Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани што тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничкото работење“, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластична хирургија, дерматологија и на други болнички оддели во согласност со потребите и медицинските индикации.
„Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема, која ќе го зголеми квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, ги намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување“, посочи Алиу.

