Македонија
Јанушев: Како со изборот на Демири и Бајрами ќе се обезбедат фер и демократски избори, ќе ве збришеме за хаосот и предавствата кои ги направивте
Она што е најстрашно што денес на не цели 3 месеци до изборите, наместо да разговараме на седница да се пополни слободното место во ДИК за да имаме фер и демократски избори, за да имаме избори на кои нема да се фрли дамка, повторно имаме циркус и од кога ако не, од техничкиот премиер. Го гледавме со годи како прави циркус како претседател на Собранието, сега циркузот го продолжува и во влада, вели Игор Јанушев, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на која се дискутира за именување на двајцата министри за здравство и информатичко општество.
Јанушев потсети дека согласно законот за влада односно член 43 оваа влада е преодна за организирање на фер и демократски избори.
„Член 43 од законот за влада 100 дена пред одржување на избори на пратеници, а по претходна оставка од претседателот на владата, собранието избира нова преодна влада за спроведување на избори за пратеници. Толку. Значи оваа влада која постои сега која ја предводи техничкиот премиер, е со една и единствена цел а тоа е да се спроведат изборите на фер и демократски начин, рече тој и додаде дека не му е јасно како предлогот за министер за здравство ќе влијае за одржување на фер избори преку министерството за здравство.
Како Демири, инфектолог по професија и секоја чест за неговото професионална биографија ќе придонесе преку министерството за здравство да се спроведат фер и демократски избори, требаше да ни одговори техничкиот премиер кој денеска не говорница не гукна. Можевте барем да ни одговорите на чиј предлог е, го предлага СДС, ДУИ или пак некој од крилата. Како дојдовте до овој предлог, некој ви го јави по телефон, можевте да излезете и да кажете“, рече Јанушев.
Јанушев истакна дека предлогот за министер за информатичко општество и администрација има најголемо работно искуство како советник за маркетинг.
„Или она што е поинтересно како Бајрами кој што е дипломиран политиколог со најголем дел од своето работно искуство како советник за маркетинг ќе помогне во тоа да се спроведат фер и демократски избори во соодветно министерство. На ова прашање мислам дека одговор нема никој а најмалку техничкиот премиер“, објасни Јанушев.
Јанушев им порача дека на изборите ќе ги збришат за целиот хаос и лагите со патните исправи, здравството, образованието, лагите за наводна изградба на 1300 километри патишта.
„Ќе ве збришеме за хаос што го направивте со лични карти и пасошите. Ќе ве збришеме затоа што лажевте за двојното убиство, затоа што напаѓавте медиуми и новинари, затоа што не набавувате лекови и лажевте за изградбата на Клиничкиот центар, затоа што молчевте и лажевте за губењето на податоците од фондот, затоа што не исплаќавте пари на лекарите и им се заканувавте на специјализантите дека ќе им ги прекинувате договорите, затоа што лажевте дека сте изградиле 1300 километри патишта, ќе ве збришеме за хаосот во образованието и немањето на книги за децата, за хаосот во министерството за култура, и за целокупниот хаос кој што го оставивте во државата“, изјави тој.
Јанушев и порача на власта дека после изборите дел од нив ќе останат запаметени како најнеспособни, дел ќе бидат заборавени, а голем дел ќе завршите по затворите за криминалите и предавствата.
„Крајот не ви е блиску, туку крајот ви е дојден и само ќе ве потсетам што точно ви кажав пред точно 1 година. Дел од вас колеги ќе останете запаметени како најнеспособните, добар дел ќе бидете заборавени, а да дел ќе завршите по затворите за криминалите и предавствата кои што ги правевте“, нагласи Јанушев.
На крај Јанушев кажа дека бидејќи ЈО не реагира, ВМРО-ДПМНЕ следните денови ќе поднесе соодветна пријава до Спасовски кои изминатите 5 години нарачувал и пуштал во промет стари обрасци за кои знаел дека нивната важност е до 12 февруари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Кочани ќе се гради патека на бесконечност за загинатите во Пулс
Советот на Општина Кочани на вчерашната 9. седница едногласно ја поддржа иницијативата за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ посветено на 63 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Предлогот беше усвоен со 19 гласа „за“ и плод на иницијатива на Здружението „16 март 2025 Кочани“.
Според усвоениот план, спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63 ангели“ ќе биде изградено во Стариот парк, во централното градско подрачје, на локацијата меѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.
Со оваа одлука на Советот на Општината, градоначалникот Влатко Грозданов се овластува по брза постапка да формира работно тело, со цел проектот да биде завршен до 16 март годината кога ќе се наврши една година од трагедијата во дикостеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
АВМУ реагира по пресудата за новинарката Лиридона Вејсели, загрозена е слободата на изразување
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради првостепената судска пресуда од 12 јануари годинава против новинарката Лиридона Вејсели Тафили, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи.
Од Агенцијата посочуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции, во контекст на нивната професионална работа, создава притисок врз медиумите и директно го ограничува правото на јавноста да биде информирана. Според АВМУ, сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи.
Реакцијата на АВМУ следува откако новинарката и дигитална креаторка од Тетово, Лиридона Вејсели Тафили, беше осудена во Основниот суд во Гостивар на парична казна од 700 евра, односно 43.000 денари, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата се однесува на новинарски прилог објавен на социјалната мрежа ТикТок, во кој таа го навела името и презимето на судија од Основниот суд во Тетово.
„Осудена сум од Основниот суд во Гостивар со 700 евра казна за изнесување лични податоци, затоа што при известувањето за една тема што ја обработував го спомнав името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово. Станува збор за случај во кој возрасно лице уценувало малолетник, му испраќало порнографски материјали и му се заканувало, а судијата му изрече казна од три месеци ефективен затвор“, изјави Вејсели Тафили за случајот за кој е осудена.
Во конкретниот предмет, Основниот суд во Гостивар, односно судијката Магдалена Мишоска, постапувала по предлог за издавање казнен налог поднесен од Основното јавно обвинителство Тетово, за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 став 1 од Кривичниот законик.
Во образложението на пресудата се наведува дека на 28 октомври 2024 година, околу 9 часот во Тетово, обвинетата без согласност на оштетениот Назиф Илјази, судија во Основниот суд Тетово, користела негови лични податоци спротивно на законските услови. Според судот, Вејсели Тафили на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок објавила видеа во кои го навела неговото име и презиме, со што му нанела штета на честа и угледот, како и на професионалната дејност што ја врши повеќе од 37 години.
Случајот предизвика реакции во јавноста и во новинарската фела, при што се отвори дебата за границата меѓу заштитата на личните податоци и правото на јавноста да биде информирана за работата на носителите на јавни функции, особено кога станува збор за прашања од висок јавен интерес.
Македонија
Од утре внимавајте, Безбеден град почнува официјално да казнува со суми од 20 до 500 евра и одземање на возачката дозвола
Од утре официјално започнува примената на системот Безбеден град, со што автоматското снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци влегува во полна функција. Станува збор за интегриран техничко-информациски систем кој преку камери и софтверски алатки ќе ги регистрира прекршоците во сообраќајот, без потреба од директно присуство на полициски службеници на терен.
Во првата фаза, Безбеден град ќе санкционира четири видови прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање. Камерите поставени на клучни сообраќајници и раскрсници автоматски ќе го регистрираат прекршокот, ќе ја идентификуваат регистарската табличка и ќе ја процесираат снимката преку централен систем за верификација.
Откако прекршокот ќе биде утврден, сопственикот на возилото ќе добие известување со фотографски доказ, време и локација на настанот, како и соодветна прекршочна санкција. Постапката е целосно дигитализирана, а човечкиот фактор е сведен на минимум, со цел да се избегнат селективност, субјективност и можни злоупотреби.
Казните за пречекорување на дозволената брзина се определуваат според надминувањето на лимитот:
-
до 20 km/h над дозволеното – 20 евра во денарска противвредност
-
од 20 до 30 km/h – 45 евра
-
од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
-
над 50 km/h – 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месеци
Во населено место, санкциите се построги и може да достигнат и до 500 евра, со задолжителна забрана за управување со возило.
Системот Безбеден град автоматски санкционира и минување на црвено светло, за што е предвидена парична казна од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, се применува и кривична одговорност.
За управување возило со истечена сообраќајна дозвола, предвидена е казна од 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот на возилото, доколку станува збор за друго лице. Проверката се врши автоматски преку регистрите на МВР.
Казните за непрописно запирање или паркирање изнесуваат 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра доколку возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место наменето за лица со попреченост. Во случаи кога возилото претставува ризик за безбедноста, се применува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа само 50 проценти од износот. По истекот на рокот, санкцијата се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.
Надлежните институции посочуваат дека целта на Безбеден град не е репресија, туку превенција и зголемување на сообраќајната безбедност. Очекувањата се дека со автоматското санкционирање ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи, особено оние со тешки последици, како и дека ќе се воведе повисоко ниво на сообраќајна дисциплина.
Со стартот на системот, Безбеден град означува нова ера во контролата на сообраќајот – ера во која прекршоците повеќе не зависат од присуство на полициска патрола, туку од тоа дали возачите ги почитуваат правилата.

