Македонија
Јанушев: Фирмата за хеликоптерска итна помош ќе ја чини државата 72 милиона евра, Заев и Рашковски лажеа
Договорот на Зоран Заев и Драги Рашковски со новоформираната фирма „Сарахемс“ ќе ги чини граѓаните 72 милиона евра, а нема да биде без никакви трошоци, како што лажеа, рече на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Станува збор за фирмата што беше избрана на повикот за јавно-приватно партнерство за хеликоптерска итна помош.
Јанушев презентира барање од компанијата до Владата за носење соодветна уредба со која ќе се пропише прибирање на надоместокот од столбовите за финансирање предвидени во договорот за јавно-приватно партнерство.
„Барањето е потпишано лично од партнерот на Заев и Рашковски, Саша Џаковиќ, и испратено до Владата на 17 декември. Освен на спорниот договор, партнерот на Заев и Рашковски се повикува и на одредби од Законот за јавните патишта, со што се потврдува сомнежот кој во повеќе наврати го искажавме дека еден од начините на финансирање е можно да биде и преку наплатата на патарините“, рече генералниот секретар на опозициската партија.
Покрај ова, Јанушев презентира уште две барања, од кои првото се однесува на молба до Заев да обезбеди локација за сместување на хеликоптерите и персоналот.
„Уште една работа на која укажувавме кога велевме дека физибилити-студијата предвидува и директен трошок од државата со оглед на фактот што компанијата сака да ѝ се дадат на користење објекти, инфраструктура и опрема на Центарот за обука на пилоти. Повторно ќе напоменам дека во самиот Центар досега се инвестирани 10-ина милиони евра“, рече тој.
Генералниот скеретар на партијата претстави и документ со кој се бара Заев и Рашковски да овозможат склучување меморандуми за соработка со државните институции.
„Приватната компанија, меѓу другото, очекува со овие меморандуми да се регулира и упатување персонал од државни институции на должност кај приватниот партнер. Веќе предупредувавме дека скандалозниот договор на Заев и Рашковски предвидува ангажман на персонал од МВР и АРМ за приватниот партнер, со што се доведува во прашање оперативноста на службите, но и се наметнува прашањето за плаќањето на персоналот, а и самата потреба со оглед на фактот што МВР веќе извршува и овој тип мисии“, посочи Јанушев.
Тој додаде дека инволвираните во овој случај го кријат договорот и неговите анекси како што змијата ги крие нозете, но, како што нагласи, повторно се фатени живи.
„Бараме итно да се отвори истрага пред да се направат дополнителни обврски и штети за Република Македонија“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека одговорност за ваквото однесување ќе има по 12 април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

