Македонија
Јанчева: Хаос во Скопје, на ВМРО-ДПМНЕ поважни им се кавгите и микрофоните отколку граѓаните
Една година градска и локална власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е една година на хаос, неработење, партизација кавги за тендери и расипничко трошење на парите на граѓаните. Хаосот на ВМРО-ДПМНЕ продолжува во Советот на Град Скопје, на штета на граѓаните, на штета на Град Скопје, вели Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје
„Вчерашната седница ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска ја претворија во циркус, наместо таа да биде посветена на советнички прашања. Наместо поставување прашања и одговори, граѓаните вчера беа сведоци на кавги и лични навреди меѓу градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески. Вчера, советниците немаа можност за дискусија, а граѓаните не добија одговори за тоа што ги интересира. Очигледно е дека на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска поважни им се микрофонот и копчето за исклучување на микрофонот од развојот на Скопје и интересите на скопјани“, истакна Јанчева.
Според неа, додека тие се расправаат за микрофони, но и за тендер од 136 милиони евра, за провизии и влијанија, се случи Скопје првпат во историјата да остане без јавен превоз.
„Нема бесплатен јавен превоз, нема ниту еколошки автобуси. Наместо паркови никнуваат депонии. Стои реконструкцијата на Универзалната сала, готов проект оставен од претходната локална власт на СДСМ, исто како што стојат и мостовите, клучките и започнатите улици. Градската власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска го уназадија Град Скопје, не реализираа ниту едно ветување“, кажа Јанчева.
Катастрофата и хаосот предизвикан од ВМРО-ДПМНЕ, вели таа, им прави штета на скопјани, кои очекуваат решенија за проблемите и реализација на ветените проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

