Македонија
(Видео) Јанчев: Материјали за над 10 закони доставени два дена пред собраниска седница
На две прекршувања од Деловникот се однесуваше денешното процедурално обраќање на пратеникот од Левицата, Сашко Јанчев, и тоа по однос на илегално свиканата собраниска седница од владејачкото мнозинство на ДПМНЕ и ЗНАМ и во однос на доставените материјали за над 10 закони на два дена пред седница, а не – десет дена пред нејзиното одржување, како што е деловнички.
„Моето процедурално обраќање се однесува на две прекршувања на Деловникот. Првото прекршување се однесува на член 73 став 1, кој вели: „Седници на Собранието може да свика само претседателот на Собранието“. Од собраниската веб-страница гледам дека Гаши е во Вашингтон, си има средби со странци. Физички е невозможно тој да го потпише решението за свикување седница, што ја прави седницата нелегална“, потенцира пратеникот Сашко Јанчев на денешната седница на Собранието.
Пратеникот Јанчев во своето процедурално обраќање го образложи и второто прекршување од Деловникот.
„Второто прекршување е според член 74 став 1 којшто вели: ,,Решение за свикување на седница на Собранието со предлог – дневен ред и материјали се доставува до пратениците десет работни дена до одржување на седницата”. Овој рок не е случаен, затоа што со нашето гласање одлучуваме за милиони судбини“, појасни Јанчев.
Пратеникот Јанчев од Левицата истакна дека материјали добиле пред два дена, односно – денес, а не пред десет дена.
„Решение добивме вчера, ново добивме денес. Не пред десет дена, нема ниту еден ден. Последното решение го добивме пред два часа! Ова е ново Собрание, ново мнозинство или народски нова Влада, но стари пракси. Обичај е на секое процедурално да се побара да се почитува Деловникот, но јас не негувам илузии дека тоа ќе се случи“, заклучи Јанчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

