Македонија
Јанчев од Левица го поддржа протестот против „Бехтел и Енка“
„Даваме поддршка, затоа што дејствувањето на конзорциумот „Бехтел и Енка“ ја девастира животната средина и директно го загрозува животот на луѓето во Прилеп. Не нѝ е прв пат да ги поддржиме на блокадите, нашата пратеничка група и нашиот правен тим им е целосно на располагање на активистите“ , истакна пратеникот на Левица Сашко Јанчев на денешниот протест организиран од народната иницијатива „Спас за Прилеп“.
Јанчев изјави дека преку Парламентарниот институт го побарале Договорот, но не го добиле и дека сега ќе бараат истиот да се декласифицира бидејќи постои основано сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена должност“ при негово потпишување, бидејќи прво бил потпишан договор, а потоа биле менувани закони за да одговараат на истиот.
„Ако се утврди дека навистина има кривично дело, во правото постои правен принцип кој вели дека ‘од неправо не може да призлезе право’ и тоа е добар основ да се раскине договорот без да треба државата да плаќа штета“ – акцентираше пратеникот од Левица.
Од Левица велат дека со отворањето на рударскиот коп во близина на селото Ореовец, и оваа власт докажала дека за неа се важни исклучиво интересите на големите корпорации, дури и по цена на здравјето и благосостојбата на граѓаните.
„Упатуваме остра критика кон владејачките гарнитури за неодговорното однесување и нивното одобрение за уништување на животната средина во Прилеп и околината од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Отворањето на рударскиот коп од страна на „Бехтел и Енка“ претставува директна закана за животната средина и здравјето на жителите на селата Ореовец, Крстец, Плетвар и градот Прилеп, како и за ретките растенија и животни во оваа област.
Изворите на вода за пиење и наводнување коишто се од витално значење за Прилеп и околните села, се загрозени од минирањето и тешката технологија за ископ!
Ова ќе има катастрофални последици не само за околните села, туку и за целиот регион.“ – соопштија од Партијата.
Тие порачаа дека како единствена политичка партија која недвосмислено стои на страна на народот и животната средина, како претходно – така и понатаму ќе продолжат со активна поддршка на сите заложби, протести и иницијативи за чиста и здрава околина и дека е време да се стави крај на капиталистичките интереси коишто се закана по животот и иднината на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.

