Македонија
Ја удирал со боксови и тупаници, па ја силувал во автомобил на паркинг во Сопиште: поднесено обвинение против 37-годишен скопјанец
Основното јавно обвинителство Скопје спроведе истражна постапка и поднесе Обвинителен акт против 37-годишен скопјанец за кривично дело – Полов напад и силување согласно член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 21 февруари вечерта, со умисла и на сила, спротивно на јасно изразената волја на жртвата, ја присилил на полов однос. Делото го извршил во автомобил, на паркинг во Сопиште, така што најпрво без согласност започнал да ја допира жената, а потоа станал и насилен кон неа затоа што го одбивала.
Ја удирал со боксови и тупаници, па дури и со нога во лицето, предизвикувајќи и телесни повреди – подливи, нагмечување и скршеница на носните коски. Иако му кажала дека не сака да има ништо со него, на сила ја соблекол и ја принудил на полов однос. За цело време оштетената безуспешно се бранела и се обидувала да се оттргне, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител, заедно со поднесеното обвинение, до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

