Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

